БОЛНИЦИТЕ, УЧИЛИШТАТА, ПРЕТПРИЈАТИЈАТА ДА СЕ ВРАТАТ НА РЕГУЛИРАНИОТ ПАЗАР Мицкоски предлага измени во Законот за енергетика
Со предлог закон ќе побараме сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Да се стават во функција сите производни домашни капацитети за да се обезбеди струја за бизнис заедницата, која што ќе биде најмалку двојно поевтина од таа која што денеска ја плаќа стопанството. Истовремено , да се обезбедиме ресурс со кој што корисниците на централното затоплување во градот Скопје нема да добијат покачени сметки за топлина, предложи денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски по средбата со бизнисмените во Сојузот на стопански комори.
– Сите наши контакти ги ставаме на располагање на бизнисот, а сѐ со цел да помогнеме најмалку 650.000 наши сограѓани кои што работат во приватниот сектор да ги задржат своите работни места имајќи предвид дека големи производствени капацитети своето производство го ставија во мирување и голем број наши сограѓани ги изгубија своите работни места. Меѓу поголемите тука би ги вбројал Фени комбинатот во Кавадарци, Бучим комбинатот во Радовиш, но и останати комбинати коишто значително учествуваат во зголемувањето на бруто домашниот производ на Македонија – рече Мицкоски.
Тој предлага измена на Законот за енергетика, која што ќе биде доставена во собраниска процедура до крајот на неделава или до почетокот на следната.
– Со тој предлог закон ќе побараме сите претпријатија кои што вршат јавна дејност во делот на комуналните услуги, водостопанството, но и објектите во образованието, објектите во јавното здравство да бидат вратени онаму каде што им е местото, на регулиран пазар. Зошто ова го велам? Затоа што доколку продолжат вака да функционираат овие три групи субјекти тоа ќе значи дека сите оние претпријатија кои вршат јавна дејност, без разлика дали е комунална или водостопанска, коишто ќе ги декларираат своите трошоци пред Регулаторната комисија за регулирање цени за енергија и вода, по сила на правилникот ќе ги зголемат своите цени за најмалку два до три пати, а тој шок ќе го почувствуваат индустријата и граѓаните. Ќе предизвикаат дополнително губење на работни места и дополнително намалување на куповната моќ и стандардот на граѓаните – објасни Мицкоски.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ е на ставот наставата да се одржува во училиштата.
– На јавните здравствени установи кои тонат во долгови треба да им го олесниме начинот на функционирање. Наместо профитите да завршуваат во компании кои препродаваат електрична енергија, да можат да се ослободат од тој притисок и тие средства да ги искористат за подобрување на здравствените услуги на пациентите и нега на пациентите – рече Мицкоски.
Заклучокот на ВМРО-ДПМНЕ како политичка партија е дека во овој момент работите се оставени на стихија.
– Понижувањата и коленичењето и молењето по околните држави, па и тие во поширокиот регион, стануваат безмислени и навредувачки за македонските граѓани бидејќи судбината не ја контролираме самите, туку е во рацете на други околни држави, па и оние подалеку во регионот. И во име на тоа заклучивмр дека полека но сигурно оваа безидејност во енергетиката и енергетската криза полека но сигурно се трансформира во финансиска криза, а доказ за тоа е финансиското цунами кое што владата вчера ни го приреди со оној заем кој што во наше име го зеде друга банка на друга држава, со катастрофални услови – рече Мицкоски.