БОГАТИ АМЕРИКАНЦИ МАСОВНО СЕ СЕЛАТ НА НОВ ЗЕЛАНД На земјата визите ѝ носат големи инвестиции
Според институот за имиграција на Нов Зеланд, пристигнале 573 апликации што опфаќаат 1.833 лица, наспроти само 116 во претходните две и пол години.
Богати Американци доминираат меѓу апликантите за новозеландската „златна виза“, привлечени од природната убавина, претприемачкиот дух и желбата да се дистанцираат од моменталната политика во САД.
Новите правила за визата стапија во сила во април 2025 година. Намален е минималниот износ на инвестиција, укинато е барањето за познавање англиски јазик и скратен е периодот на престој потребен за добивање резиденција – од три години на три недели. Носителите можат да купат имот вреден над 5 милиони долари.
Според институот за имиграција на Нов Зеланд, пристигнале 573 апликации што опфаќаат 1.833 лица, наспроти само 116 во претходните две и пол години. Речиси 40% од апликантите се од САД, а следуваат Кина и Хонг Конг.
Постојат две категории: „раст“, со инвестиција од најмалку 5 милиони новозеландски долари во период од три години, и „балансирана“, со минимум 10 милиони во пет години. Претходно биле потребни 15 милиони.
Американскиот брачен пар Џим и Кортни Анделман од Калифорнија, кои управуваат со „венчур фонд“, се меѓу добитниците на визата. Тие инвестираат во фондови и компании, особено во сектори за технологија како вештачка интелигенција, роботика и биотехнологија. Велат дека визата е и паметна деловна одлука.
Инвеститорот Роби Пол од Окленд истакнува дека многу Американци отворено ја споменуваат политичката клима во САД како мотив.
Шемата досега донела 3,39 милијарди долари инвестиции. Министерката за имиграција Ерика Стенфорд изјави дека странските инвестиции се клучни за продуктивноста и отворањето работни места во Нов Зеланд.