БЛИСКУ СМЕ ДО ДОГОВОР ЗА РАЗМЕНА НА ГАС ЗА СТРУЈА СО СРБИЈА Ковачевски откри дека струјата ќе биде поделена меѓу двете земји
Блиску сме до договор со Димитар, ние имаме некои можности во овој момент и со нашиот братски народ во Северна Македонија, секогаш сѐ ќе поделиме. За нас, тоа е во ред. А за Северна Македонија мислам дека тоа е добро и сметам дека тоа е добра вест за луѓето во Северна Македонија, рече српскиот претседател Александар Вучиќ за договорот меѓу двете земји.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на заедничка прес-конференција на лидерите од Западен Балкан во Белград рече дека Република Северна Македонија и Република Србија работат интензивно на наоѓање решение за обезбедување на поевтина струја за нашето стопанство.
И Ковачевски и неговиот колега Александар Вучиќ потврдија дека земјите се блиску до решение со кое Србија ќе обезбеди гас по пониска цена кој потоа во гасна централа во Македонија ќе се искористи за производство на струја која ќе биде поделена меѓу двете земји.
– На тој начин нашата индустрија ќе добие електрична енергија по пониска цена од она што го добива од регионалните берзи, а Србија ќе може да ги надомести своите недостатоци на електрична енергија во јужниот дел на земјата – објаснува премиерот и додава:
– Многу пати ме прашуваа и мене и претседателот Вучиќ дали имаме решение за тоа. Ние не прекинавме да разговараме и нашите тимови да работат на изнаоѓање на решение и мислам дека во моментов сме многу поблиску до решение од тоа што бевме на почетокот – рече премиерот Ковачевски.
Премиерот Ковачевски истакна дека ни претстои тешка зима на сите нас, на целиот регион и на цел Европски континент. Но убеден сум дека со солидарност и со соработката, почитта и со другарството кое го покажавме помеѓу нас тука присутни, дека така најлесно ќе ја пребродиме оваа криза.
– Од оваа иста говорница и јас и претседателот на Србија зборувавме за нашите напори да ги искористиме вишоците на гас кои ги има Србија, а со оглед на тоа што во Северна Македонија постои гасна централа со капацитет од 205 мегавати, да направиме договор во којшто гасот по подобра цена од онаа која беше во моментот на највисоките цени на светските берзи ќе биде донесен до Северна Македонија. Тука ќе биде произведена електрична енергија која потоа ќе биде поделена помеѓу Северна Македонија и Србија – рече Ковачевски.
Претседателот на Србија Вучиќ потврди дека двете земји се блиску до решение за обезбедување поевтина струја за македонското стопанство.
– Блиску сме до договор со Димитар, ние имаме некои можности во овој момент и со нашиот братски народ во Северна Македонија, секогаш сѐ ќе поделиме. За нас, тоа е во ред. А за Северна Македонија мислам дека тоа е добро и сметам дека тоа е добра вест за луѓето во Северна Македонија. Но и за поширокиот регион да направиме договор околу нивната гасна електрана. Ќе продолжиме да работиме. Работите не се лесни. Ги предвидовме и повисоките цени и подготвени сме. Луѓето не треба да се грижат – рече претседателот на Србија, Вучиќ.
Вучиќ исто така изјави дека е неопходно да се почне со формирање на регионален пазар на извори на енергија, за да можат земјите од Балканот да си помагаат меѓусебно, имајќи предвид дека сите имаат различни можности и капацитети во тоа област, јави дописникот на МИА од Белград.
– Со сите проблеми со кои се соочуваме, ќе одиме со формирање регионален пазар и ќе си помагаме. Затоа што немаме сите сè. Имаме различни можности и капацитети и можеме само заедно да ја обезбедиме иднината – рече српскиот претседател.
За Вучиќа енергетиката е прашање од суштинско значење, не само краткорочно, туку и долгорочно.
– Ова прашање не е важно само за оваа, туку и за зимите што допрва доаѓаат. Затоа што прашање е како ќе заврши војната (во Украина). Очекуваме големи и тешки реформи и во нашите јавни претпријатија. Ќе ни требаат тешки реформи во енергетскиот сектор, какви што беа потребни во економскиот и фискалниот сектор во 2014 година – рече тој.
Вучиќ рече дека Србија се соочува со големи проблеми не само во диверзификацијата на изворите на енергија, туку и со старомоден пристап и стара технологија како што се термоелектраните, и дека не е во позиција да ги зголеми обновливите извори на енергија.
Според него потребно е огромно ниво на инвестиции во областа на енергетиката во Србија и дека тие се движат од 17 до 32 милијарди евра во наредните години.
– Ова е неопходно за да можеме да преживееме во годините што следат, да имаме доволно гас, струја и нафта и се друго што ни е потребно за индустријата и домаќинствата. Ова ќе биде и причина за нов раст -, рече Вучиќ.
Претседателот на Србија предупреди дека во сите земји од регионот во последните 30 години има малку инвестиции во нови енергетски капацитети и дека е неопходно тоа ниво на инвестиции да се зголеми.