БИРОКРАТИЈАТА ЌЕ „ИЗЕДЕ“ УШТЕ 50 МИЛИОНИ ЕВРА ГОДИШНО Левица реагира на покачувањето на платите за службениците
Наместо рационализација на трошоците во време на криза, анти-социјалната влада дополнително го оптоварува државниот буџет, укажува партијата.
Со новиот Предлог закон за административни службеници, Владата на СДСМ и ДУИ предлага линеарно покачување на платите на административните службеници, кои работат во Министерство или Секретаријати, за околу 170 евра нето плата по вработен. Со овој предлог закон (со сегашната вредност на бод), власта во најголемата економска криза, ќе треба да обезбеди за административците во министерствата и секретаријатите дополнителни минимум 50 милиони евра годишно во буџетот, за исплата на повисоки нето плати, придонеси и данок на личен доход, реагира партијата Левица.
„Наместо рационализација на трошоците во време на криза, анти-социјалната влада дополнително го оптоварува државниот буџет, каде јавниот долг ја надмина критичната линија од 60 отсто од БДП. Наместо соодветни редистрибутивни мерки од најбогатиот слој кон загрозените групи граѓани, оваа криминална Влада без визија, стратегија и компетентност единствено нуди изговори за увезена криза, додека секојдневно ги зголемува непродуктивните трошења за лукративни цели. Средствата кои треба да се обезбедат ќе паднат на товар на осиромашениот работник и со тоа Владата, место да воведе антикризни мерки, ќе ја продлабочи економската криза, која веќе е излезена од контрола“ – пишува Левица во соопштението.