БИМИЛК СЕ ВКЛУЧИ ВО ИНИЦИЈАТИВАТА „ДОНИРАЈ КОМПЈУТЕР“ Деца од социјално загрозени семејства се израдуваа со таблети
Платформата „Донирај компјутер“ е иницијатива за донирање користена, но исправна и оперативна компјутерска опрема, со мисија да им се овозможи на децата непречено образование за време на пандемијата.
Битолска млекара подари iPad-и за социјално загрозени семејства со цел да даде придонес кон обезбедување опрема што повеќе деца непречено да ја следат училишната настава. Целосно функционалните таблет уреди се доставени преку платформата „Донирај компјутер“ до семејствата кои имаат потреба од ваква опрема, а не можат да обезбедат, соопшти Бимилк.
Платформата „Донирај компјутер“, наведуваат оттаму, е иницијатива за донирање користена, но исправна и оперативна компјутерска опрема, со мисија да им се овозможи на децата непречено образование за време на пандемијата. Платформата функционира преку воспоставен систем на нивната Фејсбук страница „Донирај компјутер“ каде што секој што има потреба се пријавува и обезбедува потврда од институција дека е од социјален ризик.
„Со оваа донација Битолска млекара ја поздравува иницијативата Донирај компјутер како исклучително корисна и повикува и други компании да се вклучат и да ја поддржат, затоа што денешното живеење не може да се замисли без компјутер, а со појавата на пандемијата, се зголеми потребата за поседување компјутерска опрема во секој дом, посебно заради неопходноста при учење од далечина. Како одговор на таа потреба, освен оваа донација, во текот на изминатиот период откако започна онлајн наставата, Битолска млекара донираше лаптопи и за децата од СОС Детско село“, се вели во соопштението.