БИДЕТЕ ПОДГОТВЕНИ ДА ПЛАТИТЕ ПОВЕЌЕ ЗА КРИТИЧНИТЕ МИНЕРАЛИ ЗА ДА СЕ ОСЛОБОДИТЕ ОД КИНА Шефот за трговија на САД вели дека тоа е прашање од национална безбедност
Џејмисон Грир вели дека сојузниците треба да прифатат таканаречена „премија за национална безбедност“ за минералите што ќе се набават од предложена група трговски партнери, вклучувајќи ја и Европа.
Шефот за трговија на САД Џејмисон Грир им порача на сојузниците на САД да бидат подготвени да платат повеќе за критични минерали набавени надвор од Кина за да обезбедат побезбедни синџири на снабдување.
Во интервју за британски весник Фајненшл тајмс Грир вели дека сојузниците треба да прифатат таканаречена „премија за национална безбедност“ за минералите што ќе се набават од предложена група трговски партнери, вклучувајќи ја и Европа.
– Постои премија што ја плаќаме, а јас ја нарекувам премија за национална безбедност. Сите ќе ја платиме таа премија за да имаме безбеден синџир на снабдување – рече Грир.
Според него, западните земји станале зависни од Кина за клучни минерали поради прекумерниот фокус на намалување на трошоците.
– Кога трговските партнери изразуваат загриженост за економските трошоци на ценовните прагови или механизми, им велам дека токму оваа потрага по ефикасност на трошоците нè доведе до сегашната ситуација – рече тој.
Грир проценува дека е потребен посебен механизам за цени за ретки минерали бидејќи Вашингтон се стреми да обезбеди пристап до критични резерви и да ја намали зависноста од кинеската доминација во синџирите на снабдување со ретки минерали.