БЕЗОБЅИРНОТО ВОЗЕЊЕ НЕ ЗАПИРА, 11 ВОЗАЧИ УАПСЕНИ ЗА ЕДЕН ДЕН Полицијата алармира дека се вози без дозвола, со забрана и под алкохол
Седуммина возеле без дозвола, тројца игнорирале забрана, а еден седнал зад волан пијан, полицијата најавува кривични пријави.
Единаесет возачи биле уапсени во изминатото деноноќие низ земјава поради безобѕирно управување со возило, откако полицијата ги фатила во сериозни прекршоци на патиштата.
Според информациите, најголемиот дел од приведените – седуммина – возеле без возачка дозвола. Тројца управувале возило и покрај тоа што имале активна забрана, додека еден возач бил зад волан под дејство на алкохол.
Во Скопје биле фатени тројца возачи без дозвола, а по еден ваков случај бил регистриран во Тетово, Гостивар, Куманово и Делчево. Во Кичево биле откриени двајца возачи со активна забрана, додека еден таков случај имало и во Ресен. Во Македонски Брод, пак, полицијата затекнала возач кој управувал возило во алкохолизирана состојба.
Од полицијата информираат дека по целосно расчистување на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите, да не управуваат возило без дозвола, со изречена забрана или под дејство на алкохол, со цел заеднички да придонесеме за побезбедни патишта – велат од МВР.