БЕЗ РОДИТЕЛИТЕ НЕМА УСПЕХ ПРОТИВ ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО Јаневска посочи дека проблемот не се решава само институционално

Министерката Весна Јаневска вели дека училиштето постапило за случајот во Ѓорче Петров, но предупредува дека без вклученост на родителите, борбата против врсничкото насилство нема да даде целосни резултати.

0

Министерката за образование и наука, Весна Јаневска, е запознаена со случајот на врсничко насилство во училиштето во Ѓорче Петров. Како што изјави денеска, училиштето веќе постапило, го пријавило случајот во полиција и во социјалните служби, а презело и сопствени мерки. Таа апелира до родителите да внимаваат повеќе и да поминуваат повеќе време со своите деца.

– Жал ми е што се соочуваме со вакви случаи. Министерството добива информации за ваквите настани и презема мерки. Во соработка со компании и со Бирото за развој на образованието, постојано подготвуваме упатства и прирачници за тоа како да се постапи во вакви ситуации. Постапено е како што треба и во овој случај – училиштето пријавило во полиција и во социјалните служби и презело мерки. Сите ние како одговорни институции можеме да правиме сѐ како што треба, но ако немаме помош од родителите, не можеме да имаме целосен успех. Ќе има одреден процент успех, но клучна улога имаат родителите. Сега имаме иницијатива за проект за семејно насилство, бидејќи најчесто овие агресии се резултат на она што се случува дома – истакна министерката, одговарајќи на новинарски прашања.

Во врска со новиот закон за високо образование, Јаневска рече дека академската заедница веќе е раздвижена. Првите ефекти може да се очекуваат за три до четири години, а најголем пик ќе има по осум години, кога, според неа, земјава би можела да се најде меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајската листа.

– Веќе избраните редовни доживотни професори не се опфатени со новите критериуми, но за прв пат имаат други задолженија. Ако сакаат да градат кариера, особено помладите, ќе треба да исполнат критериуми за менторство, да пријавуваат проекти – домашни и меѓународни, и да аплицираат за најголемите проекти на ЕУ. Не е баш така како што се обидува да се прикаже во јавноста – дека се поштедени од сѐ. Огромен број млади го поздравуваат законот, но неговата целосна примена ќе потрае. Првите ефекти ќе се почувствуваат за три до четири години, а најголемиот резултат по осум години. Најважно беше да се почне реформата, која долго време не беше ни тема. Сигурна сум дека за осум години ќе бидеме меѓу првите 1.000 универзитети на Шангајската листа – рече Јаневска.

Во однос на утврдените нерегуларности при упис на студенти на магистерски и докторски студии на Филозофскиот факултет и на еден приватен универзитет, министерката информира дека контролите се зајакнати.

– Има вонредни надзори по пријави од Државниот просветен инспекторат, а Агенцијата за квалитет почна да постапува регуларно, како што и досега требаше да работи при акредитација на нови студиски програми или повторна акредитација на постојните. На терен се проверува не само документацијата, туку и инфраструктурата – сѐ што опфаќа евалуацијата. За Филозофскиот факултет процедурата е завршена, извештајот стигна до нас и денес очекуваме да биде финализирано решението кое треба да го донесе министерството. Случајот ќе биде пријавен во Јавното обвинителство. И другиот случај, кој се однесува на приватен универзитет, е завршен и ќе биде пријавен – изјави Јаневска.

Поврзани содржини