Без оваа потврда заборавете дека ќе ја напуштите земјата

Станува збор за оние лица кои биле во изолација и самоизолација и по оздравувањето од ковид-19, сè уште се наоѓаат на стоп листата на МВР.

2,226

Со цел спас на туристичкиот сектор, сè повеќе држави се одлучуваат да ги отворат границите за странски туристи, но под строги протоколи (негативен ПЦР тест, две дози на вакцина, тест за антитела и пополнување на формулари), па поради тоа Македонците веќе почнаа да ги планираат своите патувања. Сепак, постои уште еден документ кој мора да го поседуваат доколку сакаат да ја напуштат земјата, а доколку го немаат може да заработат и парична казна.

Станува збор за оние лица кои биле во изолација и самоизолација, а кои и по оздравувањето од ковид-19 сè уште се наоѓаат на листата на МВР дека се во изолација поради коронавирусот.






Ваквото непријатно искуство на „Фејсбук“ го сподели скопјанката Елизабета Стефанова при обидот со нејзиното семејство да замине на патување во странство.

„За патување во странство, ако сте биле во карантин, освен што ви треба негативен ПЦР тест, ви треба и ПОТВРДА ОД МАТИЧЕН ЛЕКАР дека сте завршиле со карантинот. Дополнително, барајте од епидемиологот од Центар за Јавно здравје (ЦЈЗ) да ве излекува во системот и да пушти известување до МВР. Она што го вика Венко „асимптоматските случаи автоматски излегуваат од изолација за 10 дена“ НЕ ФУНКЦИОНИРА. Ова го пишувам од лично искуство, бидејќи бевме вратени од аеродром со полициска придружба, со две дечиња од осум и две години, третирани како криминалци, само затоа што има некаква грешка во системот и нас нè има во список на лицата кои не смеат да ја напуштат државата“, објави Стефанова.

Побаравме одговор од Министерството за внатрешни работи како е можно лице кое е излекувано од ковид-19 сè уште да биде на листата за изолација и што треба некој да направи доколку сака да ја напушти државата.

– Центарот за јавно здравје го доставува списокот со лицата кои се во изолација до системот на Царинската управа и доколку при излез од Македонија на Меѓународниот аеродром Скопје се пријави да патува лице кое сè уште фигурира на листата, за него полициските службеници вршат консултации и проверки со надлежните полициски станици според местото на живеење по што на лицата им се дозволува излез од државата. Доколку се утврди дека лицата се на листата за изолација и ја прекршиле изолацијата, против нив во соработка со надлежните институции, се поднесува соодветна пријава – велат од МВР за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека лицето кое било позитивно на коронавирусот и било на листата за изолација или самоизолација, пред да ја напушти земјата треба да се обрати во најблиската полициска станица да провери дали сè уште го има. Доколку го има треба да се обрати до матичниот доктор кој го водел лекувањето и преку него до Центарот за јавно здравје. Потоа со таа потврда може да се помине кој било граничен премин или лицето да биде отстрането од листата.

Д-р Лилија Чолакова Дервишова за Плусинфо објасни дека покрај матичните лекари увид во системот за следење на лицата кои се во изолација по позитивен ковид-тест имаат и Министерството за внатрешни работи и Центарот за јавно здравје, па истекот на периодот за изолација, сите од нив го гледаат.

– Ако некој е позитивен, ние го анкетираме на пример десет дена во Мој термин и ако нема симптоми тогаш го отстрануваат од листата на единаесеттиот ден. Ако има симптоми, го анкетираме 21 ден. Тој портал го следат матичните доктори, полицијата и Центарот за јавно здравје. Од список кога ги бришат истото го гледаме сите. Многу е важно секој ден да се искликани во Мој термин – објасни д-р Лилија Чолакова Дервишова.

Инаку во земјава решенијата за самоизолација за лица кои биле во контакт со лице позитивно на ковид-19, како и оние кои биле позитивни на коронавирусот ги издава Државниот санитарен и здравствен инспекторат.

– Државниот санитарен и здравствен инспекторат издава решенија за здравствен надзор/самоизолација, за лица кои биле во контакт со позитивни и лица позитивни на ковид-19. Тука завршува нашата обврска, а потоа лицата кои ќе го завршат периодот за изолација преку матичниот лекар и ЦЈЗ се потврдува дека лицето е оздравено и се испраќа потврда до МВР истото да биде отстрането од листата за изолација – ни одговорија од ДСЗИ.

Од Институтот за јавно здравје за Плусинфо потврдија дека од нивна страна не се испраќа листа на лица кои се во изолација, туку дека кај нив се врши само статистичката операција.

– Откако ќе заврши периодот на лекување Центарот за јавно здравје Скопје врши одјава на лицата кои излегуваат од изолација и праќа информација до ИЈЗ и до МВР. Она за што е задолжен ИЈЗ во форма на извештај го објавува на www.iph.mk во интервал што веќе ви е познат во текот на целиот период во кој трае пандемијата – велат од ИЈЗ.

Како што е веќе познато, а тоа го потврдува и Стефанова во својата објава на „Фејсбук“, на многу лица воопшто не ним било изготвено решение за изолација, ги нема во системот на позитивни пациенти и кога ќе побараат во полициска станица дали сè уште ги има на листата на лица во изолација, добиваат негативен одговор.

– Јас и сопругата бевме позитивни на ковид-19 некаде во ноември. Добивме решение за изолација од ДСЗИ. И покрај тоа што уредно на секое излегување од дома се пријавуваме во полициската станица, дека ќе одиме да извршиме контроли и по враќањето дома повторно се пријавуваме, поради тоа што наскоро сакаме да патуваме, во полициската станица ни рекоа дека воопшто не сме ни биле листата на лица кои се во изолација поради ковид-19 – вели скопјанецот Сашо.

Ова отвора прашање, како е можно лице со позитивен ПЦР тест на ковид-19, а потоа и со негативен дека е излекуван од коронавирусот да не се најде на листата на изолација.

– За лицата за кои нема евиденција во прашање е следното – или тие лица немаат воопшто матичен лекар, а доколку имаат тој соодветно не ја водел евиденцијата за текот на лекувањето (пријава и одјава) – велат од ИЈЗ.

Доколку планирате наскоро да ја напуштите државата, а претходно сте биле позитивни или сте имале контакт со лице позитивно на ковид-19, па поради тоа сте добиле решение за изолација, најдобро е неколку дена пред патувањето да отидете во најблиската полициска станица и да проверите дали ве има во листата. Доколку ве има потребно е да отидете кај вашиот матичен лекар и тој да се стапи во контакт со Центарот за јавно здравје, па со потврда дека веќе не сте заболени со ковид-19 да отидете во МВР и со неа да бидете избришани од листата. Иста таква потврда ќе ви биде дадена и вам и со тоа безбедно и без проблеми ќе можете да го реализирате вашето патување, зашто очигледно тоа дека лицата по оздравувањето автоматски се бришат, не функционира во Македонија.

Поврзани содржини