Балкан и Балканци

Дали некојпат ќе пораснеме да кажеме дека сите ние жители кои живееме на Балканот сме Балканци? Културата, традицијата, па и историјата е наша заедничка. Многу нешта има меѓу сите држави на Балканот кои не сплотуваат, од аспект на фолклор, музика, култура, спорт. Единствено нешто што не разединува е историјата и нејзиното толкување.

1,711

Почитувани пријатели, читатели, денес сакам да споделам една дилема која мене ме мачи, а можеби и вас. Сведоци сме на едно невидено изживување од страна на нашите соседи Грција и Бугарија во изминатите три децении, поврзани со нашето име, нашиот национален идентитет, јазик, историја, и нормално е да се постави прашањето зошто ние, жителите на Балканот кои на модерниот свет му имаме дадено многу цивилизациски вредности, денес сме вкопани во ровови исклучиво ставајќи ја историјата како главен именител на наше недоразбирање.

Суштината на ова недоразбирање е со многу силни последици по животот, животниот стандард и перспективата на сите жители коишто го делат Балканскиот полуостров. Нели е чудно, Грција во текот на севкупната нејзина историја, не била именувана како Македонија, туку како Грција, Елада, Хелас, ама Македонија – никогаш. Одненадеж како гром од ведро небо нам на Република Македонија, Грција три децении ни ги затвори вратите кон евроатлантските интеграции. Овој проблем се реши со билатералниот договор потпишан меѓу Македонија и Грција со додавање на придавката Северна. Дали постои Источна, Јужна и Западна Македонија како држава? Не, таква нема и нема да постои, иако областа Македонија се протега во нашата Република Македонија и во соседните држави Бугарија, Грција и Албанија. Апсурд невиден во светската историја. Кога веќе сметавме дека излеговме од лавиринтот на балканските проблеми поврзани со Македонија, се соочивме со изживувањата на нашиот источен сосед Бугарија. Ја негира нашата македонска посебност, јазик и култура, вклучително историја, дури и фактот дека бил окупатор во периодот 1941-1944 година, велејќи дека тоа било само администрација, во кој период биле прогонувани, мачени и убивани нашите Македонци, партизани кои тие ги именувале како шумкари.






Почитувани пријатели, сакам македонската јавност да знае дека нашиот академик Јордан Поп Јорданов, доктор на науки по атомска физика, долгогодишен генерален директор во Институтот за нуклеарни испитувања Винча, во Белград кој денес е сè уште меѓу нас, граѓаните на Република Македонија, преживеал страшни тортури и мачења од страна на така наречената бугарска администрација, а јас би рекол окупатор, бидејќи се чувствувал Македонец и бил дел од партизаните во тој период. Ги има илјадници Македонци кои биле казнувани поради својата национална припадност. Ќе ви дадам уште еден пример, на мој близок роднина од Гевгелија во 1942 година двата сина му одат во партизани. Бугарската администрација го собира нивниот татко среде зима го соблекува гол, го става во буре наполнето со снег и го тркала низ падините на брдото во околината на селото Смоквица, Гевгелиско. Причината за ваквото хоби на бугарската администрација била многу едноставна, таткото не можел да си ги поткаже своите синови.

Почитувани читатели и пријатели, нема да продолжам со натамошно пренесување на животни приказни на луѓе кои навистина присуството на бугарската администрација го чувствувале како окупација. Поентата на претходно изнесеното ми беше, до кога ние, граѓаните кои го делиме Балканскиот полуостров ќе бидеме заложници на историјата? Ако реално погледнеме на повеќето националности на Балканот јазичните корени се славјански. Присуството на албанскиот, грчкиот и влашкиот елемент само го разубавува Балканот со својата разноликост, традиции и култури. Ако денес погледнеме што имаме заедничко со Грција и Бугарија, говорам за двете земји кои досега покажаа невидена опструкција на нашиот пат кон Европското семејство? Многу нешта имаме заедничко со овие народи: култура, музика, традиција, исхрана, а многу малку елементи коишто нѐ разделуваат. Генезата на ова разделување е токму во историјата. Грција недвосмислено сака да докаже дека има ексклузивитет на Античката историја и дека денешните граници со Македонија, Албанија и Бугарија претставуваат крај до каде досегала таа култура. Ова не е точно мои читатели, денешните граници меѓу сите овие земји се менувале во последните стотина години. Пред тоа секојпат биле заеднички дел од некоја империја. Античките артефакти кои јас ги поседувам се пронајдени на денешната територија на Република Македонија. Артефакти со нулта вредност. Не го говорам ова со цел да го оспорам местото и улогата на Грција како колевка на демократијата, туку целта ми е да кажам и покажам дека и ние сме дел од тоа културно наследство кое што некојпат битисувало на овие простори. Дали некојпат ќе пораснеме да кажеме дека сите ние жители кои живееме на Балканот сме Балканци? Културата, традицијата, па и историјата е наша заедничка. Многу нешта има меѓу сите држави на Балканот кои не сплотуваат, од аспект на фолклор, музика, култура, спорт. Единствено нешто што не разединува е историјата и нејзиното толкување.

Денешна Шпанија е мешавина на вандали, Готи, Визи-Готи, Арапи од некои минати времиња или модерно кажано Андалузија, Каталонија, Баскија. Народи и традиции коишто се многу дијаметрално поразлични од нашите балкански, ама Шпанија е силна држава, бидејќи умее да го наметне заедничкиот интерес на сите жители за еден подобар, посигурен и безбеден живот. Дали и ние, жителите на Балканот ќе разбереме дефинитивно дека во заедништвото е иднината. Заедништво во кое ќе владеат слободата на изразување, слободата на национална и верска припадност.

Во минатата колумна пишував за Скандинавците, односно викинзите. Ним им требаа илјада години да еволуираат од најдиви племиња, денес да станат најхумани општества. Ние, жителите на Балканот во нашите гени имаме цивилизации повеќе од 3.000 години, меѓутоа еволутивниот развој ни е запрен токму поради историјата. Историјата е наука од која што треба да учиме со цел да не ги повторуваме истите грешки. Балканот веќе со векови наназад ги повторува истите грешки и никако да ја научи лекцијата. Потребни се нови личности со нова визија, Балканска визија. Бизмарк и Хелмут Кол ја обединија денешна Германија иако меѓу самите Германци од север, исток, запад и југ, постојат огромни разлики, ама успеаја да опстојат и да бидат Германци. Треба да направиме многу нешта и да бидеме горди Балканци како што впрочем денес се горди Американците, Русите, Англичаните, Французите. Малите народи на Балканот вака разделени не се ама баш никаков фактор во креирањето на политичката и економската стабилност, не само во светот, туку ни на Балканот. Дали ќе пораснеме и да ја применуваме мудроста која што ни беше кажувана уште во прво одделение дека во врзан сноп е силата и дека врзан сноп тешко се крши.

 

 

Поврзани содржини