АРСОВСКА СЕ ИНАЕТЕШЕ, АМА ГО ТУРНА ЈСП ВО ДУПКА Сега треба да се плаќаат казнени камати за долгот кон приватните превозници – од каде пари за тоа?
„Слобода превоз“ на Ленин Јовановски го доби судскиот спор со ЈСП. Сега градоначалчничката Арсовска треба да смисли како да се плати законската казнена камата. А подобро ќе беше да не се инаети и ЈСП на време да си го плати долгот. Но, има уште лоши вести. ЈСП и сега не им плаќа редовно на приватните привозници. Што ако и тие тужат?
Скопско Јавно сообраќајно претпријатие продолжува да тоне во долгови, а нов товар на грбот на ЈСП се казнетите камати за долгот кои беа дел од тужбата на приватниот превозник „Слобода превоз“.
Минатата година се случуваше вистинска голгота со приватните превозници, кои бараа од Град Скопје и од ЈСП да го исплати милионскиот долг на „Слобода превоз“ и на „Макекспрес“. И покрај тоа што градоначалничката Данела Арсовска го негираше тоа, сепак на крајот се покажа дека ЈСП навистина ги должи тие пари.
Порталот „Нетпрес“ објави дека Основниот суд Скопје донесе одлука дека ЈСП треба да ѝ исплати на компанијата „Слобода превоз“ камати за долгот од 61.812.596 денари (за период од 15.9. 2022 до 18.5.2023 година). Значи, освен што од градската каса им беше исплатен милионскиот долг, после недоличен процес на јавни обвинувања, сега Градот ќе треба да плаќа и камати. А подобро ќе беше да не негираше дека постои долг и да го плати тоа што го должи пред приватните превозници да поднесат тужба.
Во судскиот процес, тужбата за исплата на главниот долг е повлечена, бидејќи во меѓувреме ЈСП целосно го исплатило долгот, но сепак, казнените камати останале.
Според пресудата, ЈСП се задолжува на „Слобода превоз“ да му плати законска казнена камата во висина од референтната стапка на НБМ и тоа:
„На платен износ од 82.146 сметано од 15.9.2022 до 28.2. 2023“
„На платен износ од 9.931.718 денари сметано од 15.9 2022 до 17.3.2023“
„На платен износ од 411.367 (од 15.9.2022 до 22.3.2023)“
„На платен износ од 589.487 9 (од 15.10 2022 до 22.3.2023)“
„На платен износ од18.696.842 (од 15.10.2022 до 22.3.2023)“
„На платен износ од 968.707 (од 15.10 2022 до 18.5.2023)“
„На платен износ од 25.132.329 (од15.11.2022 до 18.5.2023)“.
Исто така, „ЈСП се задолжува да му плати на „Слобода превоз“ 7.200 денари како надоместок при доцнење на исполнување на парична обврска и да му ги надомести трошоците во постапката од 272.093 денари“.
Плусинфо разговараше со првиот човек на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски, кој ни ги потврди информациите за пресудата која неговата компанија ја доби во спорот со јавното сообраќајно претпријатие.
– Ве информирам дека спорот е добиен со ЈСП Скопје и тие имаат обврска да ни ги исплатата каматите според законска казнена камата во висина од референтната стапка на Народна банка. Тоа значи дека ако некоја фактура е од мај минатата година, каматната стапка ќе расте сè додека таа не биде во целост исплатена – ни изјави Јовановски.
Тој додава дека во периодот кога градоначалничката Арсовска ги обвинуваше дека не должеле ништо, многумина и поверувале на неа, но сепак вистината не излезе така.
– Ме избрка од превозот со лаги коишто не држеа вода. Поради тоа, Арсовска има и пријава за клевета, бидејќи пред сите нè претставуваше како крадци и дека земаме од лебот на возачите. Сепак, правдината излезе на наша страна, а сега тоа некој ќе мора да го плати тоа – вели Јовановски.
Директорот Јовановски ни рече дека градоначалничката Арсовска намерно го сторила тоа да ги исклучи „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ со цел да ги раскине договорите со нив. Потоа, спротивно на одлука на Советот, Арсовска склучи нови договори посебно со превозниците, иако немаа право да учествуваат две години во јавниот автобуски превоз на град Скопје.
Тој додава дека и во моментов состојбата со „старо-новите“ приватни превозници е катастрофална, бидејќи ЈСП и на нив им должи пари со месеци.
– И сега дел од приватните превозници, колку што имам информации, се пред штрајк. Некои од нив веќе ги паркираат автобусите. Луѓето немаат пари, не за нафта, немаат пари за живот, доведени се до исто дереџе како минатиот пат. Тие се задолжуваат за да инвестираат, за да стават нафта во автобусите, а пари немаат за сработеното – вели Јовановски.
Судска разрешница се очекува и за тужбата на компанијата „Макекспрес“, кон која ЈСП Скопје исто така имаше долг, а кој беше оспоруван од градоначалничката Арсовска.
– Има уште од лани постапки кои се водат, нормално дека ги дадовме на суд за да ни го исплатат долгот, но сè уште нема никаква разрешница. Најголемиот дел од парите им се вратени на превозниците, единствено побарување ќе биде за каматните стапки за периодот кога не беа исплатени долговите – ни изјави кусо еден од сопствениците на „Макекспрес“, Милорад Димитриевски.
Инаку за потсетување во ноември минатата година, возачите од приватните превозници „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ прво ја блокираа крстосницата кај трговскиот центар „Мавровка“ во центарот на Скопје. Потоа тие се радикализираа и беа вклучени уште две крстосници и за на крај да завршат на булеварот Илинден пред бараките на Град Скопје.
Приватните превозници од „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ останаа без дозволите да вршат јавен превоз поради што се решија на блокади, а дури повикаа помош и Владата да биде медијатор во нивниот спор со ЈСП Скопје и градоначалничката Данела Арсовска.
Потоа Град Скопје сега им понуди на приватните превозници индивидуално да склучат договор за превоз со Градот или да формираат нови здруженија, оти „Слобода превоз“ и „Макекспрес“ немаа право повторно да се пријават. Самите превозници се откажаа од поранешните директори и формираа ново раководство, коешто по два последователни јавни повици конечно успеаја да постигнат договор со Градот и ЈСП.
Приватните автобуски превозници, по долгогодишна пауза при крајот на мај оваа година повторно започнаа да сообраќаат низ скопските улици, откако постигнаа нов договор со Јавното сообраќајно претпријатие Скопје.
Плусинфо на почетокот на овој месец пишуваше дека се крчка нов штрајк на приватните превозници, бидејќи, како што дознавме, Јавното претпријатие „Скопје“ веќе четири месеци не врши исплата според договорената динамика, а доцни и авансот. Поради тоа, дел од нив веќе ги паркираат автобусите.
Сопственик на приватен автобус, во неформален разговор за Плусинфо, се жали дека повторно е закочена исплатата и дека веќе цели 4 месеци не им е исплатен ниту 1 денар на сметката. Чекајќи пари, принуден е да молчи, но веќе му е доста.
– Јас сум сопственик на приватен автобус и можам да кажам дека повторно започнаа проблемите со исплатата на парите од страна на ЈСП. Веќе доцнат повеќе од 4 месеци, а никој не ни кажува што е проблемот. Ова е неприфатливо и неодговорно од ЈСП. Ние сме во многу тешка финансиска ситуација поради ова доцнење. Имаме трошоци за гориво, за сервис на возилата, за осигурување, за плати за возачите и на другите работници. Не можеме да работиме без пари. Не можеме да ги задоволиме ниту своите потреби, ниту потребите на патниците, кои заслужуваат квалитетен и безбеден превоз – вели тој.
Нашиот извор, кој сакаше да остане анонимен, вели дека приватниците се постојано под закани и дека може да ја загуби линијата што ја има добиено. Но, тој и неговите колеги упорно чекаат ЈСП да им ги исплати сите пари што е можно поскоро.