АПЕЛ ЗА ХИГИЕНА И БРЗА РЕАКЦИЈА Комисијата предупредува по појавата на мајмунски сипаници во земјава
Од Комисијата за заразни болести информираат дека заболените лица се во стабилна здравствена состојба и се ставени во соодветна изолација. Истовремено, здравствените власти спроведуваат мониторинг на сите блиски контакти на заболените.
Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство денеска одржа состанок по потврдата за два случаи на мајмунски сипаници во земјава, по што донесе препорака двете лица да бидат ставени во самоизолација и под здравствен надзор.
– Заболените лица се во стабилна здравствена состојба и се ставени во соодветна изолација. Истовремено, здравствените власти спроведуваат мониторинг на сите блиски контакти на заболените. Доколку кај некое од нив се појават симптоми, тие веднаш ќе бидат тестирани во Институтот за јавно здравје – велат од Комисијата за заразни болести.
Од Комисијата апелираат до граѓаните да ги почитуваат основните хигиенски мерки за лична заштита од заразни заболувања и при евентуална појава на симптоми карактеристични за мајмунски сипаници, како осип, температура или зголемени лимфни жлезди, веднаш да се јават кај својот матичен лекар.
– Наш приоритет е заштита на јавното здравје, и затоа ги преземаме сите неопходни мерки за спречување на евентуално ширење на ова заразно заболување – велат од Министерството за здравство.
Во следниот период, матичните лекари ќе добијат детална информација за патеката за преглед, тестирање и згрижување на потенцијални пациенти со ова заболување.
Здравствените власти најавуваат дека ќе продолжат со внимателно следење на состојбата и, доколку има потреба, ќе преземат дополнителни мерки.