АНИТА ТОПОЛОВА ИСАЈЛОВСКА ИЗБРАНА ЗА В.Д. ДРЖАВНА ЈАВНА ОБВИНИТЕЛКА Беше единствена кандидатка 

1,028

Обвинителката Анита Тополова Исајловска, едногласно, како единствен предложен кандидат, била избрана за вршител на должност Републички јавен обвинител, на денешнат седница на Советот на јавни обвинители , на местото на Љупчо Коцевски, кој минатата недела даде оставка, непосредно пред да биде разрешен во Собранието.

Тополова Исајловска во моментов ја извршува функцијата заменик државен јавен обвинител, а нејзиното професионално искуство во Обвинителството се протега повеќе од една деценија и пол. За јавен обвинител првпат е избрана во 2009 година, во 2013 година преминува во Вишото јавно обвинителство, а три години подоцна е унапредена во републичка јавна обвинителка и станува заменичка на тогашниот државен јавен обвинител Марко Зврлевски.






Во рамки на Јавното обвинителство, Тополова Исајловска веќе неколку години раководи со одделението за меѓународна правна помош. Со изборот за в.д. државен јавен обвинител, Тополова Исајловска доаѓа на функција што има клучна улога во функционирањето на обвинителскиот систем, во период кога јавноста со засилен интерес ја следи работата, независноста и отчетноста на правосудните институции во државата.

Членот на Советот, Кети Петкова, образложувајќи го предлогот за избор на Тополова-Мисајловска истакна дека станува збор за професионално и принципиелно решение.

– Во континуитет 10 години беше заменик, ја познава оваа функција и мислам дека нема да претставува проблем неколку месеци да ја обавува должноста, не само затоа што го познава целото обвинителство, туку затоа што тоа е принципиелно решение, рече Петкова.

Како што беше посочено на седницата, Тополова-Мисајловска ќе ја извршува функцијата до именувањето на нов државен јавен обвинител, но не подолго од шест месеци.

Вршителот на должноста се определува од редот на јавните обвинители во Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, согласно член 25, став 4 од Законот за јавното обвинителство. На седницата беше посочено и дека согласно со закон, Советот е должен да обезбеди континуитет на работата на републичкиот јавен обвинител, во ситуации кога е констатирана оставка на носител на функцијата или истекување на мандатот.

 

 

 

 

Поврзани содржини