ЈАНЕВСКА ЌЕ БАРА РЕШЕНИЕ ЗАЕДНО СО РОДИТЕЛИТЕ ОД ДОЛНИ БАЛВАН На 2 километри има подобри услови и можност за социјализација

Ако мора и е неопходно, ќе учат во комбинирана паралелка, ако селото се наоѓа на 30, 40 или 50 километри оддалечено од другото најблиско училиште. Но, ако тие се оддалечени на 2 до 3 километри од другото училиште, децата треба да се социјализираат, постојано го повторувам ова, вели министерката најавувајќи дека ќе разговара со родителите и дека нема ништо на сила.

6

Министерството за образование и наука е запознаено со протестот на родителите во општина Карбинци поради оптимизацијата на училиштата и ќе направи напори заедно со општината да дојде до заедничко решение, изјави денеска ресорната министерката Весна Јаневска.

– Не е во прашање училиштето, туку начинот на кој живеат и учат децата. Ако училиштата се оддалечени два до три километри, децата треба да се социјализираат, да стекнат нови видици, мотивација за учење и подобри услови за образование – рече министерката која денеска присуствуваше на увид во новите училници во ОУ „Александар Македонски“ во Реонски центар.






Претходно, родителите на 13 ученици од прво до петто одделение од село Долни Балван реагираа против затворањето на подрачното училиште поради што нивните деца од 1 септември треба да посетуваат настава во соседното село Таринци оддалечено на 2 километри.

Според Јаневска, учениците не треба да остануваат во изолирани средини и во комбинирани паралелки кога има можност да посетуваат училишта со подобри услови и повеќе можности за развој.

– Ако мора и е неопходно, ќе учат во комбинирана паралелка, ако селото се наоѓа на 30, 40 или 50 километри оддалечено од другото најблиско училиште. Но, ако тие се оддалечени на 2 до 3 километри  од другото училиште, децата треба да се социјализираат, постојано го повторувам ова. Значи да стекнат други видици, кај нив да се побуди мотивација за учење, кај нив да се побуди некаков натпревар за достигнувања, да чујат различни мислења, па конечно да видат и друг различен објект, да видат смарт табла, да добијат таблет од општината, нешто што е различно од живеење на пет деца кои се во три различни класа, а се сместени во едно одделение. Штетата за нив е голема – рече министерката за образование.

Јаневска нагласи дека Министерството нема да наметнува решенија и дека процесот ќе се одвива во консултација со општините и родителите.

– Не правиме ништо насила. Ќе направиме напори да се сретнеме со родителите и наставниците и да постигнеме заедничко решение – рече Јаневска.

Министерката изјави дека училиштето во Идризово не е заборавено и дека е опфатено со плановите за доградба на училници, отфрлајќи ги тврдењата дека станува збор за политичко прашање.

– Тоа училиште е во групата на училишта каде што ќе се доградуваат училници. Не сум сигурна дали тоа ќе биде од ноември или на пролет, но со сигурност знам дека и таму ќе се доградуваат училници – изјави Јаневска.

Таа нагласи дека не станува збор за политичко решение, како што, според неа, се инсинуира во јавноста, и изрази надеж дека со планираните активности ќе се реши и овој проблем.

Поврзани содржини