„АМЕРИКО, ТИ БЛАГОДАРАМ“ Зеленски се заблагодари за новиот пакет американска помош, Кремљ збесна

Помошта за Украина, која беше изгласана посебно, е во рамки на предлог-законот за американската воена помош за Израел и за Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.

553

„Америко, ти благодарам“, напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски заблагодарувајќи му се на Претставничкиот дом на САД, како и лично на неговиот претседател Мајк Џонсон, откако беше одобрена воената помош за Украина.

„Благодарен сум на Претставничкиот дом на САД, и на двете партии, и лично на претседателот (на Претставничкиот дом) Мајк Џонсон за одлуката што е на вистинскиот пат на историјата“ – напиша Зеленски на платформата Х.






Помошта за Украина, која беше изгласана посебно, е во рамки на предлог-законот за воена помош за Израел и за Тајван во вкупна вредност од 95 милијарди долари.

„Претставничкиот дом го усвои клучниот американски закон за помош на Украина што ќе спречи ширење на војната, ќе спаси илјадници животи и ќе им помогне на нашите нации да бидат посилни“ – посочи Зеленски.

Украинскиот претседател додаде и дека се надева дека законот ќе биде поддржан во Сенатот и ќе биде испратен до американскиот претседател Џозеф Бајден.

Одлуката на САД да и додели нов пакет воена помош на Украина во војната со Русија, предизвика бес во Кремљ.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, по повод одобрувањето на воената помош за Украина од Претставничкиот дом на САД, изјави дека овој закон ќе ги направи САД уште побогати и истовремено „уште повеќе ќе ја уништи“ Украина, јавија светските агенции, повикувајќи се на изјава на прес-секретарот на рускиот претседател Владимир Путин за руските медиуми.

– Уште повеќе Украинци ќе загинат поради режимот во Киев – рече Песков.

Според него, легислативата што ќе и овозможи на американската Влада да ги одмрзне руските средства во корист на обновата на Украина, „ќе предизвика непоправлива штета на американскиот имиџ“.

– Во исто време, Русија ќе одговори со мерки од гледна точка на сопствениот интерес – додаде портпаролот на Кремљ.

Претставничкиот дом на САД одвоено гласаше за пакетите воена помош за Украина, Израел и за индо-пацифичкиот регион, кој го опфаќа Тајван. Помошта за Тајван веќе беше одобрена претходно денеска.

Трите пакети се дел од предлог-законот за помош во вкупна вредност од 95 милијарди долари. Помошта е на предлог на Владата на американскиот претседател Џо Бајден.

Предлогот предвидува 60,8 милијарди долари помош за Украина, 26,4 милијарди долари за Израел и 8,1 милијарди долари за индо-пацифичкиот регион, вклучувајќи го и Тајван.

Предлог-законот сега оди во американскиот Сенат, горниот дом на Конгресот.

 

Поврзани содржини