АМЕРИКА ЌЕ УКИНЕ 200.000 ВИЗИ НА ЛИЦА КОИ БАРААТ АЗИЛ Дошле службено или како туристи и побарале да останат

Користењето туристичка виза со цел да се влезе во САД и веднаш да се побара постојан престој преку азил се смета за злоупотреба и визна измама.

83

Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп подготвува укинување туристички и деловни визи за 200.000 странски државјани кои поднеле барање за азил во САД.

Доколку биде спроведена, мерката би претставувала најголемо еднократно масовно укинување визи во историјата на САД.






Стејт департментот во следните недели би требало да објави укинување на таканаречените Б1 и Б2 визи издадени во периодот од 2016 до 2026 година на лица кои во меѓувреме поднеле барање за азил, се наведува во документи на Стејт департментот до кои дошле медиумите.

Мерката ќе биде спроведена во координација со Министерството за внатрешна безбедност.

– Координираме со Министерството за внатрешна безбедност за да ги идентификуваме и укинеме визите на странски државјани кои пристигнале во САД претставувајќи се како краткорочни посетители, но потоа поднеле барање за азил за да останат трајно во земјата – изјави портпаролот на Стејт департментот Томи Пигот.

Што значи одлуката во пракса?

Одлуката ќе значи промена на статус, а не депортација. Лицата чии визи ќе бидат поништени нема веднаш да бидат депортирани. Најголем дел од оние кои имаат активни (нерешени) случаи за азил ќе бидат рекатегоризирани, но ќе го изгубат статусот на привремени туристи или деловни посетители.

Истовремено тоа ќе биде превенција на визна измама. Администрацијата на Доналд Трамп и Стејт департментот појаснуваат дека Б-визите се издаваат со јасен услов дека лицето планира да се врати во матичната земја. Според нив, користењето на туристичка виза со цел да се влезе во САД и веднаш да се побара постојан престој преку азил се смета за злоупотреба и визна измама.

Мерката би можела да биде оспорена пред суд или дополнително разгледана.

Откако Трамп ја презеде функцијата за својот втор мандат минатата година, неговата администрација континуирано ги заострува ограничувањата за лицата кои аплицираат за американски визи, вклучително и со барање дополнителни информации за нивната активност на социјалните мрежи и со воведување високи такси за обработка на визите.

Администрацијата, исто така, целосно го забрани издавањето визи за државјани на одредени земји.

Во изминатите 18 месеци, Стејт департментот веќе има поништено околу 175.000 други визи поради криминални досиеја, прекршување на визните услови или национална безбедност.

Дополнително, во посебен случај, федерален судија во САД деновиве ја поништи претходната забрана на Трамп за издавање имигрантски (иселенички) визи за граѓани од 75 земји, меѓу кои беше опфатена и Македонија. Меѓутоа, оваа нова најава за укинување на 200.000 туристички визи се одвива преку посебна процедура во координација со Министерството за татковинска безбедност (DHS).

Поврзани содржини