Џамбаски со фашистичко „администраторски“ поздрав
Џамбаски често упатува негаторски и навредливи изјави на адресата на Македонците и нивниот историски и национален идентитет, исфрлувајќи изјави од својот националистички барабан дека „еден народ, бугарски народ, живее меѓу Охрид и Црно Море“. Хитлеровскиот поздрав среде Европскиот парламент не е само дрскост насочена кон Западна Европа, туку и оживување на сеништата од „измислената“ бугарска фашистичка и окупаторска улога во Втората светска војна.
Дрскиот испад на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски со хитлеровски поздрав во Европскиот парламент, како уште едно во низата негови јавни бламирања, наиде на остри реакции. Но овојпат, дегутантната сцена што ја приреди со „зиг хајл“ кревање на раката, ја осудуваат и европските екстремно десничарски и популистички партии.
Со осуда веднаш реагираа од десничарско радикалната партија Шведски демократи, една од најсилните шведски парламентарни партии, која со години прави напори да ги избрише нацистичките корени од својот бекграунд.
Европратениците од оваа партија влегуваат во групата ЕЦР во Европскиот парламент, каде што членува и Џамбаски.
„Силно го осудуваме овој инцидент и заедно со повеќе делегации од други земји побаравме вонреден состанок на ЕЦР-групата, бидејќи ова што се случи е целосно неприфатливо“. Вонреден состанок на ЕЦР се очекува да се одржи на 1 март.
Но, во колкава мера всушност изненадува непримерното однесување на Џамбаски? Во негов познат стил на разгорување етничка и расна нетрпеливост, тој пред извесно време се соочи и со осуда од страна на групата за антирасизам и различност во Европскиот парламент, АРДИ, која бараше тој да биде казнет за расизам.
Ваквите барања уследија по изјавите на Џамбаски во дебатата во Европскиот парламент, во врска со новите препораки на Европската комисија за инклузивност и интеграција на ромското население во ЕУ.
Според Џамбаски, дискусијата била „тотално погрешна“, бидејќи била фокусирана само на правата на Ромите, но не и на обврските.
„Обврски да се образоваш, да бараш работа, да не правиш кривични дела, да не крадеш, да не убиваш постари луѓе, да не силуваш постари жени. Кога имаш такви обврски, имаш и права, се разбира, но вие постојано го нагласувате ова второво“, рекол Џамбаски во дискусијата.
Со ваквите расистички ставови бугарскиот европратеник уште еднаш јасно покажа дека е подготвен да се изјаснува без одмереност и без влакно на јазикот. Џамбаски својата дискусија во Европскиот парламент, која очигледно ја прелеала чашата, ја завршил со заклучок дека „не е можна интеграција за луѓе кои не сакаат да се интегрираат“. Тоа е всушност и острицата во сфаќањата на екстремните десничари пошироко во Европа, кои играат по тенките жици на популизмот.
Таквите ставови за малцинските групи, националниот идентитет, имиграцијата и ксенофобијата, се препознаваат и во политиката за која се залага францускиот Национален фронт на Марин Ле Пен, во жестоките анти-имигрантски кампањи на десно-радикалната Алтернатива за Германија (АФД), или во пропагирањето на политика на асимилација на имигрантите на холандската Слободарска партија на Герт Вилдерс. Споменатата екстремно десничарската партија Шведски демократи во парламентарна дебата околу порастот на насилство врз жени истапи со тврдење дека имигрантите во Шведска внесуваат „средновековни ставови и гледишта“.
Што се однесува до Џамбаски, чиј имиџ се потпира врз контроверзен говор на омраза, во добар дел несомнено инспириран од неговиот ментор Каракачанов, групата АРДИ потенцираше дека е очигледно оти повеќе не е доволно да се реагира само со предупредувања. „Да се нарекуваат цели етнички групи како силувачи, убијци и злосторници, не може да се оправдува со повикување на слободата на изразување“.
Џамбаски, пак, од своја страна вообичаено не гледа никаква потреба од малку критичка дистанца од сопствените шовинистички и расистички ставови, тврдејќи дека „гледа на нештата какви што се“.
Во Европскиот парламент во изминатите години повеќепати се поставувани пратенички прашања во однос на статусот на малцинствата во Бугарија, вклучувајќи го и македонското малцинство, кое од страна на Софија е прогласено за непостоечко и е изложено на асимилација и кампања на прогонување. Таквата политика продолжува и по 15 години од членството на Бугарија во ЕУ. Но, поставените прашања за тоа како Европската комисија ќе се заложи Бугарија да ги респектира човечките права, вклучувајќи ги и правата на ЕУ-граѓаните во Бугарија кои припаѓаат на македонското малцинство, и како ЕУ ќе ја принуди Бугарија официјално да ги регистрира македонските здуженија, засега се без задоволителен одговор.
Во меѓувреме екстремните негаторски национал-шовинистички бугарски испади, меѓу кои и оние од Џамбаски, продолжуваат. Но најновите осуди на неговото провокативно однесување се чини не се доволни.
„Тој би требало да биде исклучен извесен период од работата на пленарните седници, за да не може да ја користи парламентарната демократска платформа за ширење на омраза и нетолеранција“, смета европратеничката Абир Ал-Сахлани од редовите на шведската Партија на Центарот.
Џамбаски често упатува негаторски и навредливи изјави на адресата на Македонците и нивниот историски и национален идентитет, исфрлувајќи изјави од својот националистички барабан дека „еден народ, бугарски народ, живее меѓу Охрид и Црно Море“. Хитлеровскиот поздрав среде Европскиот парламент не е само дрскост насочена кон Западна Европа, туку и оживување на сеништата од „измислената“ бугарска фашистичка и окупаторска улога во Втората светска војна.
Гестот со крената „зиг хајл“ рака, кој Џамбаски го објаснува како „обично, непретенционо мавтање“, во неговите искривени идеолошки претстави добива смисла не како фашистички, туку евентуално само како „администраторски“ поздрав.
ЕУ не треба да се задоволува само со јавни осуди. За оние што ѝ се закануваат на демократијата и на човековите права и вредности, и шират расистички предрасуди и националистички закани, се неопходни и остри санкции.