Али Ахмети во канџите на „хибридните“

Не знам кој ја измислил оваа приказна за „хибридниот центар“ од переферијата на Скопје, кој работел против ДУИ. Не е белким Заев. Не верувам, он сега шиба со моторот по перифериаки одос. Плус, Зоќе и Таче се смирија со музика. Како и да е, Ахмети има само еден начин да провери колку е оштетен неговиот легитимитет. Што од „хибридниве“, што од „огнените“. На избори. Али е командант, а на командантите им личи да командуваат и да се бијат, а не да плачат и да се жалат на „хибридни“ заебанции.

4,325

Али Ахмети многу добро знае дека го почитувам огромниот учинок на ДУИ и неговиот личен придонес за реализацијата на албанската национална кауза во Македонија.

Во овие две децении, во кои Ахмети е активен политичар со практично најдолг стаж, оваа земја целосно се промени. Македонија денес е билингвална федерација. Претставеноста на Албанците во јавните институции достигнува и до неверојатни 40 отсто. Лидерот на победничката албанска партија ја контролира Владата во која ионака има повеќе министри Албанци одошто Македонци.






Ова се ноторни факти.

Сум пишувал за нив, сум говорел јавно, а сме зборувале за овие нешта и со Ахмети, на нашите тет-а-тет средби.

Ахмети и албанската кауза

Знам дека на многу луѓе не им се допаѓа кога со овој маестрален учинок ја објаснувам моќта на ДУИ и на нејзиниот лидер, но тоа е вистината. Во овие три децении независна Македонија, националната кауза беше единствената релевантна предизборна агенда за албанските партии и лидери. Ахмети ѝ се посвети и со калашников и со политичка активност. Тоа од него направи неспорен лидер на Албанците во оваа земја.

Али Ахмети исто така добро знае дека јас лично и медиумите со кои сум раководел никогаш не сме заземале страна во внатрешните судири во албанскиот политички блок. Така било и кога станувало збор за судири меѓу ДУИ и албанските опозициски партии, но и кога сме биле сведоци на фракциски борби меѓу интегративците. Како сега со „огнените“. Можеби не сум бил секогаш целосно успешен во наметнувањето на мојот став како уредувачка политика (тоа сепак не е толку едноставно), но мојата насока до колегите секогаш била кристално јасна – не е фер Македонците да ги уредуваат политичките релации меѓу Албанците и да навиваат во битката за премоќ во тој политички блок.

Некои мои пријатели Албанци, меѓу кои ќе го спомнам драгиот Џевдет Хајредини, често ме критикувале за тој став и го доживувале како отворена поддршка за ДУИ и за Ахмети. Не знам, немам доволно силни аргументи да се спротивставам на таа теза. Настрана што Џевдет има стекнато право неограничено и брутално да ме критикува…

Што беше тоа беса?

Али Ахмети веројатно се сеќава и на една друга работа. За време на еден од нашите разговори во четири очи, кога стана збор за македонско-бугарските односи (беше тоа за време на пандемијата, далеку пред францускиот предлог), тој ми рече дека разбира дека прашањето е чувствително за нас Македонците и дека затоа Албанците нема да бидат тие што ќе ги уредуваат нашите односи со Бугарите и ќе наметнат решение.

Тогаш неговиот став го сфатив како дадена беса. Беса што тој ја погази.

Денес албанските политички асови, нивните министри и нивните пропагандисти во медиумите, измислуваат некакви лажни европски фронтови, од кои ги исклучуваат мнозинството Македонци, за кои јавно и безочно лажат дека биле кочничари на патот кон Европа, дека се под руско влијание и слични будалштини. Денес тие луѓе ни се закануваат со изолација на земјата, со нови илјадници бугарски пасоши за Македонците и со меѓуетнички тензии.

Нека знае Али Ахмети дека дури и овој жесток фаул би го разбрал како некаква политичка агенда, та дури и како дел од албанската национална кауза – не би го прифатил тоа објаснување, секако, но ете би го разбрал – доколку секојдневните настани не нѐ упатуваат на помислата дека следната пресудна точка во вистинската агенда на ДУИ, всушност, е целосна доминација на албанското политичко водство во сите сегменти на политичкиот и економскиот живот на Македонија.

Не зборувам тука за секојдневните големи и мали скандали во кои се инволвирани министри, градоначалници и други јавни службеници од ДУИ. Тие скандали јас ги проследувам со пословичната воздржаност за која говорев. Бидејќи за мене беса е беса.

Во која ЕУ земја го има ова?

Зборувам за начинот на кој ДУИ, на пример, ја менаџира најголемата странска инвестиција во Македонија, нашиот Маршалов план, која ќе тежи повеќе од 1,3 милијарди евра, автопатот што ќе го гради американската компанија „Бехтел и Енка“, по рекордно висока цена и без тендер, со парите на македонските даночни обврзници. Целосно под контрола на ДУИ. Кој одлучил така да биде? Американците?

Зборувам за фактот дека лани бизнисмен и пратеник од ДУИ добил неверојатни 413 тендери во нафтениот бизнис, со што се кандидира за Гинисовата книга на рекорди. Како е тоа можно? Не ли малку претерано и провидно?

Зборувам и за фактот дека ДУИ со премолчување охрабрува поведение на население кое организирано ја бојкотира компанијата за дистрибуција на електрична енергија и кое поставува сопствени услови за тоа како и колку ќе ја плаќа потрошената струја. Според кои стандарди на ЕУ е ова поведение? Во која друга европска земја го има овој безобразлук?

Накусо, зборувам за општата перцепција дека сме сведоци на активности на една партија и на една влада што е под нејзина директна контрола, за креирање системски и секакви други можности за целосна доминација на албански политички и бизнис моќници во вкупните економски текови во Македонија.

Дали и јас сум „хибриден“?

И тука доаѓаме до најинтересното, до оној момент на пресврт во реториката на најмоќната албанска партија, што никако не можам да го разберам и да го сварам.

Али Ахмети и Бујар Османи јавно зборуваат за некаков „хибриден економско-политички центар против ДУИ“, за група бивши и сегашни политичари и „македонски олигарски“, кои наводно се состанувале и ковалр планови за влада без Албанци, или, поточно, за влада без ДУИ. И за многу други грди нешта насочени против Албанците…

Бујар Османи „откри“ дека „хибридните“ се состанале на локација на периферијата на Скопје. Колку мистериозно – ем центар ем на периферија…

Таму ги ковале своите планови против Албанците. Јас неофицијално дојдов и до имињата на четворица од „хибридните“, кои секако нема да ги обелоденам додека не ја слушнам и другата страна.

Но, веќе сега можам да ви кажам една работа. Ако во случајов повторно не станува збор за оној неодржлив и подмолен план на Зоран Заев – неодржлив во поглед на преземањето на власта без избори и подмолен во однос на Димитар Ковачевски, со кого подоцна се помириле и тоа со музика – што ќе рече, ако станува збор за план кој предводува легитимни средства за политичка борба, јас би се запишал меѓу „хибридните“. Не активно, се разбира, бидејќи сметам дека сѐ уште сум премлад за политички функции. Онака, како дополнително „хибридно гориво“ во мистериозната машина на промените.

Ова би биле моите причини:

  • Не може да им се дозволи еден лидер и на една партија, макар тоа биле ветеранот Али Ахмети и ДУИ, макар било тоа и еден хронично „обесправен“ Албанец, да остварат целосна доминација врз политичките и врз економските текови. Тоа би била една непропорционална и неправедна сатисфакција за долгите децении реална обесправеност на оваа етничка заедница во минатото.
  • Не може влада без Албанци, ама не може ни влада без Македонци. Ако Македонците се мнозинска етничка заедница, како што се, треба да им се овозможи мнозинска партиципација и во владата и во јавните институции. Простете, но ова не е прашање на изборна аритметика, туку на одржливост на една политичка заедница.
  • Не може една партија целосно да ја води надворешната политика на земјата, без никаква грижа за чувствата на мнозинското население. Тие чувства се важни. Нашиот македонски идентитет е важен. Не се сите Македонци безидентитетски суштетства како неколку антимакедонци од првата пропагандна борбена линија на СДСМ.
  • Не може албанските национални интереси да бидат поважни од македонските национални интереси.
  • Не може за наши пари и на наша државна сметка да се продава шарената лага дека Албанците биле за Америка, за ЕУ и за НАТО, а Македонците – за Русија. И тоа да се смета за некаква надворешна политика.
  • Не може криминалот и корупцијата на Албанците да биде „нужно зло“, кое мора да се толерира како „фактор на меѓуетничкиот мир“ и лажно да се менаџира со ставање маргинални личности од албанскиот политички блок на американските црни листи. А, криминалот и корупцијата на Македонците да се казнува по шеријатските закони и згора постојано да се вреви на темата „неказнивост“.
  • Политиката на т.н. позитивна дискриминација на Албанците во годините после Охридскиот мировен договор ги даде своите резултати и во поглед на можностите и статусот, оваа етничка заедница денес е потполно рамноправна со македонската. Во многу области и локални заедници сега на Македонците им претстои борба за рамноправност. Како и да е, оправдување за двојни стандарди веќе нема.

Сѐ ќе се расчисти на изборите

Ако за овие нешта меѓу себе разговарале „хибридните“, од кои се плашат Ахмети и Османи, можам слободно да ви кажам дека барем со двајца од нив и јас сум разговарал на темава. Во таков случај и јас спаѓам во таа група, во тој „центар“. Можам и да посведочам дека никој од нив не рекол ни збор за влада без Албанци, ниту за намалување на Албанците, а најмалку за елиминирање на Ахмети и на ДУИ од политичката сцена.

Кој и како ги уфилмал интегративциве со ова фенси зборче „хибриден“ и со оваа теорија на заговор, не знам. Имам некои идеи, но подобро да не шпекулирам…

Ако речам дека политиката на актуелното раководство на СДСМ за немешање во своите работи е одраз на една погубна снисходливост што ќе биде казнета на претстојните избори, тоа не значи дека заговарам некаков „хибриден“ сојуз на таа партија со ВМРО-ДПМНЕ. Тие планови на Заев, што јас ги обелоденив, не поминаа. Човекот нема активно својство во својата партија и нема кредибилитет во политиката, за да има некаков легитимитет да кова политички планови.

Како и да е, проблемот со кој сме соочени останува и тој не е плод на фабрикации на некаков фамозен „хибриден центар“ за кој зборуваат челниците на ДУИ. Не можеме да ги затвориме очите пред процесите кои се девастирачки за македонското општество во целина. Нема баш ништо „хибридно“ во отворениот разговор на таа тема.

Што се однесува до ДУИ, има еден начин таа партија да го обнови својот политички легитимитет и да провери колку навистина „тежи“ на политичкиот пазар во овој момент. На избори. Порано или подоцна, Али Ахмети ќе го прифати предизвикот.

Впрочем, тој сепак е некаков командант, а не аналитичар или енџио-паразит. На командантите им личи да командуваат и да се бијат, а не да плачат и да се жалат на „хибридни“ заебанции.

Поврзани содржини