„АЛБАНОФОБИЈАТА Е ПОЛИТИЧКИ ПРОЕКТ“ Жестоки критики од ДУИ кон СДСМ дека го следат патот на ВМРО-ДПМНЕ
Од партијата на Ахмети истакнуваат дека оваа реторика ги манипулира Македонците да гледаат на Албанците како егзистенцијална закана, иако вистинските проблеми доаѓаат од оние што го поткопуваат македонскиот идентитет и суверенитет.
Во соопштение испратено до јавноста, Демократската унија за интеграција (ДУИ) остро реагира на, како што велат, обидите на македонските партии да го користат стравот од Албанците за политички опстанок. Од партијата истакнуваат дека СДСМ, следејќи го примерот на ВМРО-ДПМНЕ, ја гради својата реторика врз албанофобијата, со цел да го одвлече вниманието од сопствените неуспеси.
„Во очаен обид за политички опстанок, СДСМ одлучи да јава на бранот на албанофобијата, следејќи го патот на ВМРО-ДПМНЕ. Наместо да се соочи со сопствената криза и да ја преземе одговорноста за својот тежок пораз, таа бара спас со тоа што им сервира на Македонците лажен непријател – Албанците“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Од партијата истакнуваат дека оваа реторика ги манипулира Македонците да гледаат на Албанците како егзистенцијална закана, иако вистинските проблеми доаѓаат од оние што го поткопуваат македонскиот идентитет и суверенитет.
„Албанофобијата не е спонтано чувство на Македонците – таа е политички проект, поттикнат и финансиран од странски интереси за Северна Македонија да остане заробена во конфликт и несигурност“, се додава во соопштението.
ДУИ нагласува дека Албанците нема да дозволат да бидат жртвувани за пропаднатите политики на македонските партии и апелираат за надминување на етничките поделби.
„Оваа земја нема иднина изградена врз омраза и етнички поделби. Тие што денес сеат раздор, утре ќе останат сами во урнатините на нивната изгорена политика“, завршува соопштението.