АКО ТРАМП ГО НАПАДНЕ ГРЕНЛАНД ГОТОВО Е СО НАТО Данската премиерка предупреди дека заканата на САД треба да се сфати сериозно
Островот богат со минерали, иако во голема мера автономен, формално е дел од Данска, што го прави дел од западниот безбедносен систем.
Доколку САД воено интервенираат и го анектираат Гренланд, тоа би бил крај на НАТО, предупреди данската премиерка Мете Фредериксен.
Во интервју за данската телевизиска станица ТВ2, таа рече дека во тој случај „сè би запрело“, вклучително и Алијансата која со децении ја гарантира безбедноста на Европа.
Нејзината изјава доаѓа откако американскиот претседател Доналд Трамп дополнително ги зголеми заканите за преземање на Гренланд, самоуправна територија на Арктикот што му припаѓа на Кралството Данска и затоа е дел од НАТО алијансата.
– Трамп треба да се сфати сериозно кога вели дека го сака Гренланд. Но, морам да разјаснам: ако САД одлучат воено да нападнат друга членка на НАТО, тогаш сè запира – вклучително и НАТО и безбедносниот поредок што постои од крајот на Втората светска војна – рече Фредериксен, објави Политико.
Американскиот претседател со години се залага за идејата Гренланд да биде под американска контрола.
Островот богат со минерали, иако во голема мера автономен, формално е дел од Данска, што го прави дел од западниот безбедносен систем.
Трамп постојано нагласуваше дека Гренланд е стратешка неопходност за САД и не ја исклучи употребата на сила или економски притисок за да се постигне таа цел.
-Ни треба Гренланд за национална безбедност – им рече Трамп на новинарите во неделата на авионот „Ер Форс Уан“.
Тој исто така додаде дека прашањето за Гренланд „ќе се реши за приближно два месеци“.
-Ќе разговараме за Гренланд за 20 дена -рече тој.
Најновите изјави на Трамп доаѓаат веднаш по американскиот воен напад врз Венецуела и апсењето на претседателот Николас Мадуро, што предизвика загриженост во Европа дека Вашингтон би можел да биде охрабрен да преземе слични потези на други места во светот.
Во овој контекст, можноста за американска анексија на Гренланд почна сериозно да се разгледува во европските престолнини. Голем број лидери, од нордиските земји до Обединетото Кралство, јавно изразија поддршка за Данска и го нагласија правото на Гренланд на самоопределување.
Данската влада во моментов вели дека нема да попушти под притисок и дека секој обид за насилно менување на границите е неприфатлив, особено ако доаѓа од сојузници во рамките на НАТО.