АКО НЕ СЕ СМИРИМЕ СО ПРИРОДАТА ЌЕ СЕ САМОУБИЕМЕ Генералка викенд да прерасне во генералка од 365 дена
Штитејќи ја природата се штитиме себеси, а генералка викенд треба да прерасне во генералка од 365 дена, порача денеска претседателката Гордана Силјановска Давкова на почетокот на тридневната национална акција за чистење отпад „Генералка викенд“.
Штитејќи ја природата се штитиме себеси, а генералка викенд треба да прерасне во генералка од 365 дена, порача денеска претседателката Гордана Силјановска Давкова на почетокот на тридневната национална акција за чистење отпад „Генералка викенд“. Акцијата почна кај римскиот аквадукт во Скопје.
Забележувајќи дека треба да ја заштитиме природата, претседателката им предочи на надлежните дека просторот кај аквадуктот, кој е стар повеќе од 2.000 години, треба да биде парк.
Претседателката зборуваше за француските филозофи Русо и Мишел Сера и за нивните ставови во рска со потребата од природен договор меѓу луѓето и природата.
– Договор во кој ќе гарантираат дека луѓето ќе ја штитат природата. Ние во правото велиме дека оној кој што е постар има посилни или поголеми права, ама прво настанале билките, па животните, па луѓето. Луѓето се однесуваат како натрапници во рајот, тоа е факт. Ако не се смириме со природата ќе се самоубиеме. Тоа е факт – истакна Сиљановска Давкова.
Иницијативата ја поздрави и вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити. Рече дека ова е најмасовната волонтерска акција за чистење на отпадот во државата која од година во година станува сè помасовна и станува симбол на тоа како свесноста за сопствената одговорност и добрата соработка дава видни резултати.
– Животната средина и особено ваквите споменици како што е аквадуктот заслужуваат почит и грижа. Ваквите акции во кои сите заеднички покажуваме иницијатива, волја и подготвеност за соработка треба да бидат дел од нашето секојдневие. На отпадот не му е место на улица или во природата – рече Меџити.
Владата и МЖСПП, нагласи, ги поддржува сите акции во кои се покажува силна иницијатива, јака воља, инклузивност и желба да бидеме дел од промените со кои ќе се овозможи подобра иднина за нас и идните генерации.
Екоакцијата „Генералка викенд“ е во организација на „Мен енд Маунтен“ во соработка со компаниите Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал. Акцијата е поддржана и од ЗЕЛС, Црвен крст и од Министерството за животна средина.