АКО МОЖЕ ДА СЕ РАСВЕТЛАТ УБИСТВА, МОЖЕ ДА СЕ ОТКРИЕ И КОЈ ГИ ЗАПАЛИ ВОЗИЛАТА ВО ШТИП Тошковски уверува дека МВР има капацитет да се справи со криминалците
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочи дека со капацитетите со кои располагаат министерството, но и со поставувањето камери, во иднина ќе се подигне степенот на безбедност кај граѓаните.
Ако може да се расветлат убиства, може да се најдат и сторителите на опожарените возила како во Штип, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Панче Тошкоски, кој одговараше на новинарско прашање дали се расветлени случаите со запалени возила во Штип, меѓу кои и на поранешниот началник на Секторот за внатрешни работи (СВР) -Штип.
Министерот Тошковски посочи дека со капацитетите со кои располага МВР, но и со поставувањето камери, во иднина ќе се подигне степенот на безбедност кај граѓаните.
– Добар дел од оние кои правеа ваков тип кривични дела во минатото се откриени, расветлени се дел од тие случаи. Секако, со подигањето на капацитетите на МВР во делот на видео надзорот, кој го имплементираме, и со поддршка од страна на општините, ќе се подигне степенот на безбедност. И во иднина сум сигурен дека со зголемување на овие капацитети, посоодветно ќе може да одговориме на сите предизвици. Ако можеме да разбиеме, само во една акција, и да расветлиме 8 убиства, кои претходно не ги расветлиле 30 години, сметам дека ќе одговориме соодветно и на таквите прекршоци – изјави Тошковски.
Минатата година во Штип, во рок од 2 месеца се запалија 4 автомобили, меѓу кои и возила на новинар и на поранешниот началник на СВР Штип.