АКО ГО ВИДИТЕ ПОЛИЦИСКИОТ ХЕЛИКОПТЕР, ВЕДНАШ ПРИЗЕМЈЕТЕ ГО ДРОНОТ! Полицијата со сериозно предупредување, најавени се казни за сопственициете
МВР предупредува дека дроновите во зоната на дејствување на полициските хеликоптери претставуваат сериозна опасност, особено при гасење пожари, кога видливоста е намалена и леталата се движат на мали височини.
Министерството за внатрешни работи упати сериозно предупредување до граѓаните и операторите на дронови да не управуваат со беспилотни летала во близина на полициски хеликоптери, особено во текот на акциите за гасење пожари.
Од МВР велат дека поради зголемениот број летачки активности на Одделот за воздухопловни единици, хеликоптерите на полицијата интензивно се ангажирани низ целата држава за гасење пожари, извидување, транспорт и други оперативни задачи.
„Поради природата и итноста на задачите, местото, времето и маршрутата на движење на полициските хеликоптери не секогаш можат однапред да бидат предвидени, особено при интервенции поврзани со пожари и други итни настани“, предупредуваат од МВР.
Дрон забележан во близина на хеликоптер мора веднаш да се приземји
Од Министерството посочуваат дека операторите кои забележале или слушнале полициски хеликоптер во близина мора веднаш и без одлагање безбедно да го приземјат дронот.
Особено е забрането дронот да се насочува кон хеликоптерот, да му се приближува, да го следи или да се снима од непосредна близина.
МВР предупредува дека дрон во оперативната зона на хеликоптер претставува сериозна опасност за безбедноста на летот.
„Судир на дрон со хеликоптер може да предизвика сериозно оштетување, губење на контрола над воздухопловот и директно загрозување на животот на екипажот, како и на лицата и имотот на земја“, наведуваат од МВР.
Особено опасно при гасење пожари
Ризикот е уште поголем кога хеликоптерите се ангажирани во гасење пожари. Во такви услови летовите се одвиваат на мали височини, а екипажите работат во услови на чад, намалена видливост и турбуленции.
Од МВР објаснуваат дека во вакви услови навременото забележување на мал дрон може да биде исклучително тешко.
Присуството на дрон може да предизвика и прекин или одложување на хеликоптерските операции, што директно ја намалува ефикасноста на гаснењето и дополнително ги загрозува населението, пожарникарите, имотот и природните ресурси.
МВР најавува мерки и против прекршителите
Од МВР потсетуваат дека лицата кои управуваат со дронови мора да ги исполнуваат законските услови и да ги имаат потребните одобренија, регистрации и сертификати кога тие се задолжителни.
Операторите се должни да ги почитуваат воздухопловните прописи, ограничувањата во воздушниот простор и условите утврдени од надлежните воздухопловни органи, како и да ги направат потребните најави и координации кога тоа е предвидено.
МВР најавува дека ќе презема мерки за утврдување на идентитетот и одговорноста на лицата кои со незаконско или небезбедно управување со дронови ја загрозуваат безбедноста на воздушниот сообраќај и полициските воздухоплови.
За непочитување на законските обврски може да следуваат прекршочни, а во случаи кога се исполнети законските услови и кривични мерки.
„Безбедноста на екипажите кои секојдневно се ангажирани во заштита на граѓаните и справување со пожарите мора да биде заедничка одговорност на сите“, апелираат од МВР.