АХМЕТИ НЕ СЕ ПОВЛЕКУВА, ЗАТОА ШТО НЕ ИЗГУБИЛ НИЕДНИ ИЗБОРИ ДОСЕГА Демократската унија за интеграција бара предвремени парламентарни избори
Коалицијата НАИ, која ја предводи ДУИ, освои 114.076 гласови и со тоа 159 советници, а коалицијата Вреди освои 91.000 со 122 советници, дали е победник тој што има 159 советници или 122, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети.
Изборниот процес помина генерално добро, коалицијата НАИ, која ја предводи ДУИ, освои 114.076 гласови и со тоа 159 советници, а коалицијата Вреди освои 91.000 со 122 советници, рече претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети на прес-конференција по седницата на Централното претседателство на партијата.
– Во овој процес, како и тие што ги оставивме зад нас како парламентални и претседателски избори, имаме синдром на Газиместан, поразените излегуваат победници. Вреди и на претходните 2 изборни циклуси, парламентарни и претседателски, од поразени излегоа победници. Дали е победник тој што има 159 советници или 122? Но, тоа е реалноста, се занимаваат со тоа дека демек победиле на избори. Не само на овие, туку и на претходните – рече Ахмети.
Тој рече дека другите политички партии воделе кампања со националистички карактер.
– Почнувајќи со пропаганда пред кампања, кој бара албански нека бега во Албанија, во Косово, да доминира да се претставува дека оваа држава е само на Македонците. И од тука извираше мотото, за жал, „Македонија повторно твоја“. Ние се залагаме и ќе се залагаме, со најголема искреност, за европска Македонија, добри меѓуетнички односи, нула проблеми со соседите, така сметаме дека ѝ служиме на иднината, не на минатото. Имало секакви изјави ние корумпирани, криминализирани, јас стојам пред вас, јас сум предводник на студентското движење од 1981 и тогаш политиката од Белград, диригирана со политиките на Никола Пашиќ, ме нарече националист, сепаратист, иредентист, а модерната политика ме вика корумпиран и криминализиран, мене и мојата политичка партија – истакна Ахмети.
На новинарско прашање дали ќе се повлече од политиката, Ахмети рече дека не ги изгубил изборите за да го направи тоа.
– Дали слушнавте кој победи, зошто да се повлечам од политиката? Дали ги сакате резултатите, одете во ДИК и ќе видите. Ако може да видите дали за 25 години има еден пораз на Али Ахмети, тогаш ќе се повлечам. Еве ги резултатите, 25 години сме победувале, не само последниве 3 циклуси. Апсолутно не е пораз во Тетово и во Струга, на 2-ри ноември играта почнува од 0:0. За Чаир и Сарај во битки има и порази – рече Ахмети.
На прашањето дали ќе има соработка со други политички партии генерално во вториот круг, Ахмети одговори дека има такви можности.
– Мицкоски ги влече за уши своите партнери, ние сме отворени со сите да комуницираме за доброто на граѓаните. Ние се ангажираме за унитарна држава и ова не го велиме инцидентно но без селективна правда – рече Ахмети.
Партијата повика веднаш да се оди на предвремени парламентарни избори.
„Главниот заклучок од денешниот состанок на Централниот штаб на Демократската унија за интеграција беше јасен и едногласен: Веднаш да се оди на предвремени парламентарни избори! Оваа констатација ја делат и сите партнери во Националната алијанса за интеграција, кои проценуваат дека по 3 последователни победи на претседателски, парламентарни и локални избори, волјата на граѓаните е јасна, непроменета и за поддршка на НАИ“, соопшти ДУИ.
Фактите за локалните избори се тврдоглави и неоспорни, додава партијата.
„На изборите за општински совети, НАИ има водство од над 23.000 гласови на национално ниво; Во трката за градоначалници, разликата е над 21.000 гласови во корист на НАИ; НАИ има 159 советници, наспроти 122 од другиот политички табор; Доколку парламентарните избори се одржеа тој ден, НАИ би имала 20 мандати, наспроти 15 на политичките ривали. Во овој контекст, ДУИ оценува дека единственото решение за политичката и за институционалната стабилност на земјата се предвремени парламентарни избори. Граѓаните ја изразија својата волја 3 пати по ред и секој обид да се заобиколи оваа реалност е бесмислен и антидемократски. ДУИ бара мандатот да им се врати на граѓаните. Нека народот одлучи кој има легитимитет да ја води земјата и да го унапредува евроатлантскиот процес, еднаквата застапеност и политичката стабилност“, соопшти ДУИ.