Ахиловата пета на коронавирусот

Ако се чувствувате посигурно со маска, тогаш носете маска. Ако се чувствувате посигурно со очила за пливање, тогаш носете очила за пливање. Ако сметате дека кацигата за мотор истовремено ќе ви ги штити и очите, и ушите, и носот, и устата, тогаш носете кацига за мотор.

12,220

Го читав д-р Дејвид Карингтон од Универзитетот во Лондон, кој тврди дека хируршките маски не се ефикасна заштита од коронавирусот, бидејќи се прешироки и не прилегаат добро на устата и на носот, а не ги штитат ниту очите и ушите.

Но, и покрај овие недостатоци, додава тој, хируршките маски можат колку-толку да помогнат да се намали ризикот од пренесување вируси преку кивање или преку кашлање, како и со пренесување од рака до уста.






Тоа значи дека хируршките маски не нѐ заштитуваат целосно, туку само половично. Устата и носот ни се во скривница, а ушите и очите на снајперски нишан.

Министерот за здравство Венко Филипче многу добро знае што зборува кога вели дека заштитна маска треба да носат болните, а не здравите. Впрочем, тоа го тврди и истражувањето направено во 2016 година, кое покажало дека човекот во просек за еден час си го допира лицето 23 пати, или дневно – над 500 пати. Значи, маските во овој случај ништо не ни вредат ако сѐ уште ја немаме стекнато навиката да одржуваме висока хигиена на рацете, на облеката, на обувките, на косата…

Коронавирусот можеби се покажа како смртоносен и многу опасен за човештвото, но истовремено и премногу разбран и културен: не ви влегува дома ако вие сами не го поканите!

Затоа, драги мои, седете си дома, а ако ептен морате да завршите некоја работа надвор од вашиот двор, тогаш бидете крајно внимателни. Ако се чувствувате посигурно со маска, тогаш носете маска. Ако се чувствувате посигурно со очила за пливање, тогаш носете очила за пливање. Ако сметате дека кацигата за мотор истовремено ќе ви ги штити и очите, и ушите, и носот, и устата, тогаш носете кацига за мотор. Но, едно не заборавајте: Ахиловата пета на коронавирусот е хигиената на човекот!

Поврзани содржини