ЈА УСМРТИЛ ВИКТОРИЈА СО 67 КИЛОМЕТРИ НА ЧАС Поднесено обвинение за сообраќајката кај Сити мол
Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба, информираше Јавното обвинителство.
По спроведена истражна постапка, Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот кривичен суд Скопје поднесе Обвинителен акт против возачот кој на 20 јануари со возилото удри во двајца пешаци на крстосницата кај Скопје Сити Мол и ја усмрти 24-годишната Викторија од Радовиш, соопшти Јавното обвинителство.
„Кога дошол до крстосницата со улиците Московска и Љубљанска, каде светлосните сообраќајни знаци – семафори во тој момент биле исклучени од програм и работеле со трепкаво жолто светло, тој постапил спротивно на член 19 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, односно иако бил должен, не обрнал внимание на пешаците на коловозот. Спротивно и на членот 35 од Законот, приоѓајќи кон обележан пешачки премин, обвинетиот управувал со автомобилот со брзина од 67,3 километри на час, што е за 17,3 километри на час поголема од максимално дозволената, со што бил оневозможен навремено да го запре возилото во случај на потреба. Со предниот дел од возилото удрил во двајца пешаци кои поминувале по обележаниот пешачки премин. Еден од пешаците, девојка на возраст од 24 години, притоа се здобила со тешки телесни повреди и починала на лице место, додека другиот пешак бил повреден и пренесен во болница“, се вели во соопштението.
Имајќи ја предвид тежината на кривичното дело кое му се става на товар на обвинетиот и другите околности, наведено е во соопштението, јавниот обвинител оцени дека се уште постои опасност тој да се даде во бегство за да го избегне кривичниот прогон или да го повтори делото, па до Основниот кривичен суд Скопје достави и предлог за продолжување на веќе определената мерка притвор.