ОПЕНАИ ГО ВОЗВРАЌА УДАРОТ ПРОТИВ ЕПЛ Гигантите се обвинуваат за кражба на деловни тајни
Креаторот на Чат ГПТ тврди дека Епл вршел притисок врз добавувачите на неговите идни уреди. Околу 400 поранешни вработени на Епл преминале во ОпенАИ.
Американската компанија ОпенАИ поднесе противтужба против Епл, обвинувајќи го технолошкиот гигант за кражба на деловни тајни и за попречување на развојот на нејзините идни електронски уреди со вештачка интелигенција.
Противтужбата беше поднесена вчера пред федералниот суд во Калифорнија, околу 4 месеци откако Епл упати слични обвинувања против креаторот на Чат ГПТ, објави Ројтерс.
ОпенАИ тврди дека Епл се обидувал да ги одврати производителите на електронски компоненти од соработка со компанијата. Според противтужбата, новите уреди со вештачка интелигенција би можеле да му конкурираат на Епл на пазарот на кој доминира со години.
Едно од клучните обвинувања се однесува на поранешен вработен на Епл, кој по 6 месеци работа во ОпенАИ се вратил кај својот стар работодавец. Во тој период тој имал пристап до доверливи информации за нов електронски уред и до плановите за развој на идните производи.
ОпенАИ се сомнева дека прибирањето на тие документи можеби било причината за неговото вработување во компанијата.
Стапица за вработените
Во судските документи ОпенАИ го обвинува производителот на „Ајфон“ и за следење на поранешните вработени преку нивните лични електронски уреди и кориснички сметки.
Компанијата тврди дека Епл ги поттикнува вработените да ги користат личните уреди за службени цели. Кога ќе ја напуштат компанијата, разграничувањето на приватните од службените податоци било отежнато.
Според ОпенАИ, на тој начин Епл создавал услови за обвинување на поранешните вработени за кражба на доверливи информации. Досега околу 400 вработени на производителот на „Ајфон“ преминале во ОпенАИ.
Од Епл ги отфрлија обвинувањата за прибирање доверливи информации и за попречување на конкуренцијата.
„Противтужбата на ОпенАИ е очигледен обид да се одвлече вниманието од суштината на тужбата на Епл’“, соопштија од компанијата.
Од партнери до ривали
Епл на 10 јули ги тужеше ОпенАИ и двајца свои поранешни вработени, Танг Тан и Чанг Лиу. Тан работел во компанијата 24 години и бил потпретседател задолжен за дизајнот на „Ајфон“ и на „Епл воч“.
Судскиот спор се разгорува во време кога „Опенаи“ се обидува да го прошири својот бизнис надвор од софтверската индустрија.
Минатата година компанијата го презеде стартапот за развој на електронски уреди „Ајо продуктс“ на поранешниот главен дизајнер на Епл, Џони Ајв. Вредноста на зделката изнесуваше 6,5 милијарди долари.
Двете компании соработуваат од 2024 година, кога Епл го интегрираше Чат ГПТ во својот систем со вештачка интелигенција. Таа соработка им овозможи на корисниците на „Ајфон“ да добиваат одговори од Чат ГПТ преку гласовниот асистент „Сири“.