📽️ СНИМКА ОД ЛИФТ ПРЕДИЗВИКА ЛАВИНА РЕАКЦИИ ВО БРАЗИЛ Екс-полицаец ги претепа соседите, судот го пушти на слобода

Поранешниот полициски истражител ѝ бил познат на јавноста по својот подкаст за борба против криминалот. Со соседите што ги нападнал во лифтот бил во конфликт речиси 10 месеци.

2

Снимка од безбедносните камери на лифт во станбена зграда предизвика револт во Бразил. На видеото се гледа како пензионираниот полициски истражител Лучијано Теста (56) со тупаници и со клоци го тепа својот 62-годишен сосед. Полицаецот ја нападнал и 59-годишната сопруга на соседот, која се обидела да го заштити својот сопруг.

Инцидентот се случил на 11 јуни во бразилскиот град Кујаба. Теста продолжил да го удира соседот и откако тој паднал на подот. Според обвинителството, поранешниот полицаец ја притиснал жената кон огледалото во лифтот и ја фатил за градите.






Судот на 9 јули му го укинал притворот на Теста со образложение дека жртвите веќе се отселиле од градот и дека ризикот од нови судири е намален, објави бразилскиот портал „Хипернотисијас“.

 

За нападот сведочеле уште еден станар и малолетниот син на Теста.

Според претепаниот сосед, несогласувањата почнале во август минатата година. Сопругата на Теста тогаш обвинила друг станар за вознемирување.

По инцидентот, 62-годишниот маж избегнувал да остане сам со неа во лифтот. Таквото однесување предизвикало нови кавги со пензионираниот полицаец.

Соседот, 62-годишниот маж, покренал и судска постапка против Теста. Неколку дена пред нападот двајцата учествувале на рочиште за помирување.

По објавувањето на снимката, Теста излегол со своја верзија за причините за нападот. Тој тврдел дека соседот сексуално го вознемирувал во лифтот минатата година. Претепаниот маж го негирал ова тврдење.

Теста е познат во локалната јавност како водител на подкастот „Контракрајм“, посветен на јавната безбедност и на борбата против криминалот. Во емисијата гостувале полицајци, политичари и новинари.

Според документите на внатрешната контрола на полицијата, против Теста претходно била отворена дисциплинска постапка за напад и за закани врз друг станар во истата зграда. Против него се водела и внатрешна постапка поврзана со истрага за тешко убиство.

Судијата Маркос Фалеирос да Силва оцени дека мерките на претпазливост се доволни за заштита на жртвите. На поранешниот полицаец му е забрането да им се приближува на помалку од 300 метри, да влегува во станбениот комплекс и да го напушта градот без судска дозвола.

Судот му ја суспендирал дозволата за носење оружје и му наложил да го предаде оружјето во рок од 48 часа.

Поврзани содржини