Замена на население и билет за Руанда

Мултикултурализмот сè повеќе се доведува во прашање и во скандинавските, како и во низа други европски земји. Антимигрантските расположенија продолжија да се заоструваат во последните години со цел да биде оспорена каква било политика која прифаќа дека етничките и религиозните групи живеат според посебни правила, а со што се охрабрува создавање на паралелни општества.

17

Данската социјалдемократска премиерка Мете Фредериксен неодамна во едно интервју рече дека не е „поддржувач на размена на луѓе од голем обем“. Нејзината изјава веднаш наиде на остри критики, а една од нејзините партнерски партии се закани дека ќе ја повлече својата поддршка во данскиот Парламент-Фолкетинг.

Социјалдемократската група во Европскиот парламент најави формална дискусија за миграциската политика на данската премиерка, по внатрешните критики за време на состанокот на групата што се одржа деновиве во Стразбур. Германските и португалските европратеници протестираа против изјавите на Фредериксен за „размена на луѓе“ и нејзината поддршка за европски центар за депортација на мигранти во Руанда. Во обид да се смират тензиите беше донесена одлука да се прекине дискусијата и дебатата да се одложи за подоцнежен датум.






Прашањето не е ново, и, според многу нешта што ја одредуваат моментната европска „мултикултурна“ реалност, не би можело да се разгледува одвоено од претходните идеи и размислувања што добија широк одзив во поширокиот европски политички простор.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел пред деценија и пол го прогласи „мултикултурниот проект“ за мртов. Речиси едновремено истото го стори и поранешниот британски премиер Дејвид Камерон, а набрзо потоа и поранешниот француски претседател Никола Саркози го следеше истиот пример. Мултикултурализмот сè повеќе се доведува во прашање и во скандинавските, како и во низа други европски земји. Антимигрантските расположенија продолжија да се заоструваат во последните години со цел да биде оспорена каква било политика која прифаќа дека етничките и религиозните групи живеат според посебни правила, а со што се охрабрува создавање на паралелни општества.

Тоа што, всушност, го изјави скандинавската „железна дама“, Мете Фредериксен, е дека не сака да види „мултикултурно општество“ каде што културите се „изедначени“. „Не сум поддржувач на голема размена на луѓе и мислам дека треба да има силна култура на мнозинското население“, вели таа.

Поимот „размена на население“ предизвикува толку силни емоции бидејќи е поврзан со позната теорија што се користи во редовите на екстремната десница. Станува збор за уверувања што се заговараат во смисла дека домородното население на Европа се заменува со имигранти од незападни земји – и тоа првенствено од муслимански – а како резултат на масовната имиграција. Според споменатата теорија, таквиот развој го поттикнува политичка елита пријателски настроена кон имигрантите, која ја поддржува имиграцијата со цел да се постигне замена на населението.

Но, според ставовите и гледиштата на критичарите во Данска, употребата на тој поим, размена на население, не може да донесе никаква полза, бидејќи ја внесува десничарска радикална теорија на заговор во данската дебата за имиграција, која воопшто не би требало да отвора простор за такви радикални сфаќања.

Не само во Данска, туку и во соседните скандинавски земји, посебно во Шведска, прашањето за имиграцијата има тенденција постојано да се радикализира. И во редовите на една од најголемите шведски парламентарни партии, екстремно десничарските Шведски демократи, беше споменувана „Големата размена“ на луѓе и население, а што наиде на одобрување и кај повеќе други екстремни групи. Лидерот на партијата Џими Акесон изрази поддршка за споменатиот термин во дебатен напис, а реториката ја заостри и нивен европратеник, кој изрази уверување дека треба да се зборува јасно и отворено околу ова прашање, бидејќи цели подрачја во големите шведски градови се „изложени на дешведизација“.

Терминот „Голема размена“, кој се користи во функција на теорија на завера меѓу т.н. кругови на белата моќ, е создаден од францускиот писател Рено Ками. Согласно оваа расистичка теорија на Ками, која потсетува на тврдењата на лидерот на Шведските демократи, се пропагира дека политичките моќници активно го заменуваат француското и други европски општества со многу имигранти, а што се опишува како колонизација на Европа од страна на Африканците и исламизација со Арапите од Блискиот Исток, при што масовната миграција ја следат демографски раст и пад на наталитетот на белите Европејци. Градејќи го митот околу систематска голема размена, Рено Ками предлага „ремиграција“, односно враќање на неевропејците, што во пракса значи етничко чистење.

Во Данска доминира еден вид раширена идеологија критична кон имиграцијата, која има широка поддршка меѓу политичките партии, а наидува и на значителна јавна поддршка. Тие заложби не се лишени и од расистички мотиви. Во последните години данските социјалдемократи направија сè за да избегнат да останат во заднина зад ова движење, така што, всушност, со своите заложби практично го презедоа неговото водство.

Мете Фредериксен ги доближи своите ставови во заедничка кауза со италијанската премиерка Џорџија Мелони, која ги предводи „Браќата на Италија“, партија со постфашистички корени. Данска силно се заложи, заедно со Италија, Грција, Германија и Австрија, да бидат основани таканаречени „центри за враќање“, најпрвин во Руанда, за барателите на азил чии барања се одбиени.

Но едновремено се заоструваат и спротивставувања на таквите заложби. Како што многумина велат, едно е да се биде прагматичен и да се сфати дека интеграцијата на новодојдени бегалци и мигранти бара време. Голема имиграција за кратко време создава тензии и предизвици. Но, сосема друга работа е да се направи идеологија од прашањето за имиграцијата и да се обвинуваат цели етнички групи и религии така што им се припишуваат особини или ставови.

Данска веќе спроведува мошне рестриктивна политика за бегалци. Сепак, демонизацијата на групите продолжува, а прашањето за имиграцијата продолжува да се радикализира. Тоа и самата Мете Фредериксен го нагласи кога за првпат седна во пратеничко столче во Фолкетингот во 2001 година. Тогаш, како млада пратеничка, се спротивстави на поддршката на нејзината партија за промена на миграциската политика: „Не можеме да ја добиеме оваа битка бидејќи секој пат кога ќе направиме еден чекор надесно, тие се пред нас и прават два одеднаш“.

Дваесет и пет години подоцна токму таа самата сега презема нови чекори. Во интервју за конзервативниот подкаст „Borgerlig Tabloid“ Фредриксен се спротивставува на „размена на народи во голем обем“ и не сака да види мултикултурно општество каде што различни култури се третираат подеднакво: „Ние сме данска заедница и сочинуваме автохтон етнички дански народ.“. Станува јасно дека овде не се алудира само на културен национализам, туку и на чисто етничко сфаќање на данската нација. За мигрантите тука местото е прилично ограничено.

Дали со отворање на „центри за враќање“ на мигранти надвор од ЕУ би можел да се реши проблемот? Етаблирањето на такви центри ќе треба да го платат токму даночните обврзници од членките на ЕУ. Италија, според достапните податоци, моментно плаќа околу 135.000 евра за секое место за прифаќање на нивни баратели на азил испратени во Албанија. Тоа, се разбира, се енормни суми.

„Јас го кажувам она што мислам дека е потребно за да имаме силна земја“, рече данската премиерка, одговарајќи неделава на пратенички прашања во парламентот во Копенхаген.

Билет во една насока за Руанда е само уште еден чекор плус кон демонтирање на мултикултурното општество.

Поврзани содржини