ЌЕ СЕ РАЗВИВААТ И ДРУГИ ТУРИСТИЧКИ ДЕСТИНАЦИИ ПОКРАЈ ОХРИД И СКОПЈЕ Петгодишната стратегија треба да обезбеди подолг престој на туристите

Стратегијата предвидува подобра координација меѓу институциите при планирањето на туристичкиот развој, вклучително и при отворањето нови авиолинии како и воведување нови модели за управување со туристичките дестинации преку пилот-проекти, наместо нивно наметнување без претходна проверка на терен.

16

Зголемување на просечниот престој на туристите, развој на туристичката понуда во повеќе региони и во текот на целата година, како и подобра координација меѓу институциите, се клучните приоритети на Нацрт-националната стратегија за развој на туризмот 2027-2032, за која беше организирана јавна расправа.

Професорот Сашо Коруновски од Факултетот за туризам и угостителство во Охрид, рече дека овој стратешки документ е  поставен на четири столба: развој на конкурентни туристички производи и нивно подобро пласирање на пазарот, унапредување на квалитетот на туристичките дестинации, поддршка на вработените и туристичките бизниси, како и воспоставување поефикасен систем за управување со секторот.






– Имаме исклучителни ресурси, ама производите не ги следат ресурсите, односно квалитетот на туристичките производи мора да се подигне. Не само квалитетот, туку и нивната можност за продажба и резервација, тие да излезат на пазарот – рече Коруновски.

Тој нагласи дека иако земјата бележи раст на бројот на туристи, многу поважно е да се зголеми времето што тие го поминуваат во државата.

– Затоа мерките се насочени кон зголемување на просечниот престој, а не на бројот на туристи – истакна Коруновски.

Според него, еден од главните предизвици е тоа што туристичките движења се концентрирани во неколку дестинации, пред сѐ Охрид и Скопје, како и во еден дел од годината.

– Имаме ресурси насекаде, ама само Охрид и Скопје се посетени. Треба да го дисперзираме туризмот и временски, во повеќе сезони, и просторно, во многу повеќе места кои досега туристите не ги посетувале – рече Коруновски.

Стратегијата предвидува подобра координација меѓу институциите при планирањето на туристичкиот развој, вклучително и при отворањето нови авиолинии како и воведување нови модели за управување со туристичките дестинации преку пилот-проекти, наместо нивно наметнување без претходна проверка на терен.

– Планираме три типа туристички организации кои прво ќе се тестираат преку пилот-проекти во првите две години. Ќе се следат резултатите, ќе се анализира нивното функционирање и врз основа на тоа ќе се прават интервенции во наредниот акциски план. – истакна Коруновски.

Коруновски оцени дека државата располага со доволно сместувачки капацитети за да го следи растот на туристичкиот промет.

– На ниво на држава искористеноста на годишно ниво на кревет е 30%. Значи, има простор. – рече Коруновски.

Министерот за култура и туризам Седат Сулејмани рече дека туризмот бележи позитивни трендови, но дека идниот развој треба да биде насочен кон создавање поголема вредност за локалната економија и заедниците.

– Пред нас останува важна задача: посетителите да престојуваат подолго, да ја откриваат земјата во текот на целата година и да ги посетуваат сите наши региони. Затоа оваа стратегија не се фокусира само на бројот на туристи, туку и на вредноста што туризмот ја создава за посетителите, бизнисите и локалните заедници – рече Сулејмани.

Тој нагласи дека земјата располага со значајни природни и културни ресурси кои треба да се зачуваат и одржливо да се користат.

– Туризмот треба да придонесува за нивна заштита и да создава можности за развој во сите региони. Нејзиното спроведување ќе бара координација и посветеност од сите нас- рече Сулејмани.

Амбасадорот на Швајцарија во земјава, Кристоф Зомер оцени дека новата стратегија е важен чекор за развој на конкурентен и одржлив туристички сектор.

– Швајцарија повеќе од една деценија го поддржува развојот на туризмот во Северна Македонија. Преку Швајцарската програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ и Швајцарската програма за промоција на извозот (SIPPO) соработувавме со јавните институции, бизнис-заедницата и други партнери и заедно придонесовме за зајакнување на управувањето со туристичките дестинации, унапредување на туристичките производи и услуги и отворање пристап до нови меѓународни пазари. Ова долгогодишно искуство ни потврди една клучна лекција: туризмот бара сеопфатен и одржлив пристап – рече Зомер.

Јавната расправа претставува завршна фаза од консултативниот процес за подготовка на Националната стратегија за развој на туризмот 2027-2032, во која се вклучени институциите, општините, туристичкиот сектор, академската заедница и граѓанските организации.

Стратегијата има за цел да придонесе кон развој на конкурентна и одржлива туристичка дестинација, со поквалитетна туристичка понуда во текот на целата година и поголеми придобивки за локалните заедници во сите региони.

Поврзани содржини