КРАЈ ЗА СЕДЛОСКИ НА СЕЛЕКТОРСКАТА ФУНКЦИЈА Федерацијата ја објасни одлуката за разделбата
ФФМ и Гоце Седлоски спогодбено ја прекинаа соработката. Федерацијата признава дека очекувањата и резултатите не се поклопиле со посакуваното.
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) и селекторот на А-репрезентацијата, Гоце Седлоски, спогодбено ја прекинаа соработката, соопшти Федерацијата на својата официјална интернет-страница.
Од ФФМ велат дека понекогаш во фудбалот, без оглед на искуството, посветеноста и добрите намери, работите едноставно не се одвиваат онака како што сите посакуваат.
– Сметаме дека во овој момент е најдобро разделбата да биде во интерес на репрезентацијата, но и на Гоце Седлоски, без дополнителен притисок и негативни коментари кои не треба да бидат товар за човек кој оставил длабока трага во македонскиот фудбал – наведуваат од ФФМ.
Во соопштението Федерацијата посочува дека Седлоски не е само селектор кој ја предводел репрезентацијата во одреден период, туку и еден од најтрофејните македонски тренери, легендарен капитен и човек кој со години е дел од историјата и развојот на македонскиот фудбал.
– Можеби моментот во кој ја презеде репрезентацијата не беше идеален. Можеби високите очекувања, наспроти реалноста, околностите и резултатите, не се поклопија со она што сите го посакувавме. Но, тоа не ја менува неговата заслуга, ниту придонесот што го има дадено за македонскиот фудбал – велат од федерацијата.
ФФМ му се заблагодари на Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос, изразувајќи уверување дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на домашниот фудбал, на клупско или на репрезентативно ниво.
– Резултатите се дел од фудбалот. Почитта кон луѓето кои го задолжиле треба да остане и по последниот натпревар – порачуваат од ФФМ.