СЕВЕРНА КОРЕЈА ПРОТЕРА ШВАЈЦАРСКИ ДИПЛОМАТ Спорот настанал околу камп за деца
Европските власти го поврзуваат „Сонгдовон“ со наводно идеолошко „превоспитување“ украински деца. Пјонгјанг ги брани програмите како легитимна соработка со Русија.
Северна Кореја го прогласи шефот на швајцарското дипломатско претставништво Силвен Астје за непожелна личност и му даде 48 часа да замине. Пјонгјанг побара и затворање на претставништвото на Швајцарија поради швајцарските санкции против детскиот камп „Сонгдовон“, јави Ројтерс.
Инцидентот доаѓа откако претставништвото во Пјонгјанг повторно почна да работи во октомври, по прекинот за време на пандемијата.
Швајцарскиот дипломат бил повикан во Министерството за надворешни работи, каде што му била врачена нота. Севернокорејските власти ја оценија одлуката на Берн да стави санкции за кампот како непријателски чин.
Кампот се наоѓа во крајбрежниот град Вонсан и прима деца од повеќе земји, вклучително и од Русија. Европската Унија го стави под санкции во септември, додека Швајцарија се приклучи во ноември.
Според образложението на Советот на Европската Унија, кампот учествувал во организирани програми за префрлање украински деца од териториите под руска окупација. Активностите наводно се спроведувале во координација со структури поврзани со Русија.
Под називот „културна размена“, децата, според европските власти, биле изложувани на проруска пропаганда и на идеолошко „превоспитување“. Во образложението се наведуваат и активности со елементи на воена обука, насочени кон нивна присилна асимилација.
Пјонгјанг ги брани програмите како дел од легитимната соработка со Москва. Сестрата на севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, Ким Јо Џонг, ги обвини швајцарските власти за двојни стандарди, пренесе ТАСС.
Во писмена изјава таа го критикуваше Берн за санкциите по неодамнешната посета на швајцарскиот министер за надворешни работи.
„Навистина се сомневам што можеме да добиеме од односите со Берн, кој, следејќи ги Лондон и Брисел, ги негира суверенитетот на КНДР, слободите и правата на нашиот народ“, наведе Ким Јо Џонг.
Швајцарското Министерство за надворешни работи порача дека дипломатското присуство и санкциите се одделни прашања. Берн останува на ставот дека треба да одржува дијалог и со земјите со кои има несогласувања.