30% ОД СТРУЈАТА ЌЕ СЕ КУПУВА НА СЛОБОДНИОТ ПАЗАР Европските реформи носат промена во досегашниот модел
Од 1 јануари 2027 година државните електрани ќе покриваат најмногу 70 проценти од потребите на Универзалниот снабдувач, а преостанатите количества ќе се набавуваат на слободниот пазар. Денеска се отвораат понудите за новата набавка.
Една од клучните обврски што Македонија ги презеде во рамките на европската Реформска агенда е постепеното намалување на државната интервенција во формирањето на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи.
Од 1 јануари 2027 година, ЕСМ ќе обезбедува најмногу 70 отсто од потребите на Универзалниот снабдувач „ЕВН Хоме“ по повластена цена, додека преостанатите најмалку 30 отсто ќе треба да се набавуваат на отворениот пазар. На тој пазар може да учествува и ЕСМ, но со понуди по други цени.
Со тоа се менува досегашниот модел, според кој државните електрани обезбедуваат речиси 100 отсто од потребните количества електрична енергија за Универзалниот снабдувач по цена пониска од пазарната.
Токму обврската за набавка на електрична енергија на слободниот пазар може да биде еден од клучните фактори што ќе влијаат врз крајната цена на струјата за граѓаните. Доколку цените на берзите се повисоки од оние по кои ЕСМ ја продава електричната енергија на „ЕВН Хоме“, ќе се зголемат и набавните трошоци на Универзалниот снабдувач.
Оваа реформа е во согласност со членот 5 од европската Директива 2019/944, која ги утврдува правилата за формирање на цените на електричната енергија и условите под кои може да има државна интервенција. Правната рамка за нејзино спроведување е поставена со новиот Закон за енергетика, донесен во мај 2025 година.
Иако европската Реформска агенда не предвидува директно поскапување на струјата за домаќинствата, промената на моделот на снабдување значи дека движењата на пазарните цени ќе имаат значително поголемо влијание врз крајната цена што ќе ја плаќаат граѓаните.
Денеска се отвораат понудите на тендерот на „ЕВН Хоме“
Токму во овој контекст, денеска, 25 ноември, се очекува отворањето на понудите на тендерот на „ЕВН Хоме“ за набавка на електрична енергија за домаќинствата и малите потрошувачи за следната година. Постапката беше објавена претходно во ноември, а денешното отворање треба да покаже по кои цени ќе се обезбедува струјата за потребите на Универзалниот снабдувач.
Во моментов, ЕСМ ја продава електричната енергија на „ЕВН Хоме“ по цена од 65 евра за мегават-час. Премиерот Христијан Мицкоски претходно најави дека државните електрани ќе понудат иста цена и на новиот тендер, односно дека нема да бараат поскапување на струјата што му ја испорачуваат на Универзалниот снабдувач.
Сепак, конечната цена што ќе ја плаќаат домаќинствата нема да зависи само од понудата на ЕСМ. Во пресметката влегуваат и трошоците за пренос и дистрибуција на електричната енергија, како и другите регулирани надоместоци. Затоа, резултатот од тендерот е важен дел од пресметката, но не е и конечната одлука за сметките што граѓаните ќе ги добиваат од 1 јануари 2027 година.