📽️ НАМЕСТО ВО РЕРНА, ЌЕ ЖИВЕАТ ВО ТЕКСАС Трамп во Белата куќа ги помилува мисирки „Фридом“ и „Федерс“
„Фридом“ и „Федерс“ нема да завршат на празничната трпеза, туку ќе живеат во универзитетскиот центар за живинарство во Тексас.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја продолжи необичната претседателска традиција пред Денот на благодарноста, помилувајќи две мисирки кои така ја избегнаа судбината да завршат на празничната трпеза.
На церемонијата во Белата куќа, одржана на тревникот на јужната страна, Трамп им даде помилување на мисирките „Фридом“ (Freedom) и „Федерс“ (Feathers), одгледани во сојузната држава Западна Вирџинија.
Иако двете птици добија помилување, само едната присуствуваше на церемонијата. По гласањето на интернет, за главна ѕвезда на настанот беше избрана „Фридом“, додека нејзиниот пердувест придружник „Федерс“ ја доби истата привилегија да го продолжи животот без опасност да биде послужен за Денот на благодарноста.
Трамп, придружуван од првата дама Меланија Трамп, со церемонијален чин им го додели помилувањето на двете мисирки. Тој се пошегува дека птиците ќе го бодрат универзитетскиот спортски тим на „Texas A&M“ и ќе го поминат остатокот од животот во мир.
JUST NOW: @POTUS officially pardons the two White House turkeys, Freedom & Feathers for Thanksgiving. https://t.co/dp455DwRmw
— Real America’s Voice (RAV) (@RealAmVoice) November 24, 2026
Двете мисирки ќе бидат пренесени на Универзитетот „Texas A&M“ во Тексас, каде што ќе живеат во рамките на универзитетскиот центар за живинарство.
Ова беше 79 претседателска церемонија за помилување мисирки, според податоците на Белата куќа. Иако традицијата на претседателско поштедување на мисирки има подлабоки историски корени, таа стана редовен годишен настан во 1989 година, за време на претседателствувањето на Џорџ Буш Постариот.
Овогодишната церемонија се одржа на хелиодромот на јужниот тревник на Белата куќа. Трамп најави дека следната година настанот ќе се организира во новата балска сала што се гради во комплексот на Белата куќа.
Помилувањето на мисирките е традиционален симболичен настан пред американскиот Ден на благодарноста, кој годинава се одбележува на 26 ноември.