СЕ ВРАЌА ВРНЕЖЛИВИОТ БРАН, НА ПЛАНИНИТЕ ЌЕ ЗАВЕЕ СНЕГ Сериозно заладување од сабота
Утре, среда, изутрината ќе биде ведро и студено, со минимални температури од - 8 до - 2 степена.
По студеното утро и сончевото време денеска, Македонија од утре, среда, повторно влегува во период со зголемена облачност и врнежи од дожд. Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), најобилни врнежи се очекуваат во четврток во западните делови од земјата, а во петок на југот и истокот.
За викендот, 28 и 29 ноември, се најавува ново заладување, поради кое врнежите на одделни места ќе преминуваат во дожд и снег.
Утре, среда, изутрината ќе биде ведро и студено, со минимални температури од – 8 до – 2 степена. Во текот на денот облачноста постепено ќе се зголемува, а кон крајот на денот и во текот на ноќта во западните делови ќе има повремени врнежи од дожд.
Поголема промена се очекува во четврток, кога ќе преовладува облачно време со повремени врнежи. Температурите наутро ќе се движат од 2 до 6 степени, а дневните максимални ќе достигнат од 6 до 10 степени. Според УХМР, во западните делови локално се очекуваат над 30 литри дожд на квадратен метар.
Во петок, 27 ноември, ќе продолжи претежно облачното време со локални врнежи од дожд. Пообилни врнежи се најавуваат во јужните и источните делови, каде што локално може да наврнат над 20 литри на квадратен метар. Минималните температури ќе бидат од 4 до 8 степени, а максималните од осум до 13 степени.
За сабота и недела се очекува заладување, а врнежите на одделни места ќе бидат од дожд и снег. Снег се очекува пред сè во планинските и повисоките предели. УХМР предупредува и на пообилните врнежи во текот на втората половина од неделата.