ВМРО-ДПМНЕ ПРЕДЛОЖИЛО ТРИФУН КОСТОВСКИ И НИНА АНГЕЛОВСКА ДА СВЕДОЧАТ НА НАДЗОРНАТА ЗА АЛТА БАНКА Поддршка за седницата за семејно насилство
ВМРО-ДПМНЕ предложило на утрешната надзорна расправа за Алта банка во Собранието да бидат повикани Трифун Костовски и поранешната министерка за финансии, Нина Ангеловска.
– Веруваме дека таа има и поседува многу информации коишто може да ги даде за комплетно да се расветли овој случај. Гласавме за одржување на надзорна расправа со еден единствен став дека треба да се одржи што е можно побрзо. Целото ова чекање и губење време и денови оди во насока на тоа СДСМ само да добие време за да има тема во јавноста. Во однос на изјавата на претседателката на Комисијата (Сања Лукаревска) и на СДСМ дека утре голем дел од гостите нема да дојдат, треба да знаат дека одговорноста за организирањето на надзорната расправа е кај нив. Тие се одговорни за организацијата и за доаѓањето на гостите, како и за комуникацијата со истите. Несериозно е да организирате надзорна расправа, а од денеска за утре да ги каните сведоците – рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски денеска на прес конференција.
Тој повика на сериозност и утре да заврши надзорната расправа и да се усвојат заклучоци.
Стојаноски рече дека ВМРО-ДПМНЕ ја поддржува вонредната седница поврзана со семејното насилство иницирана од СДСМ.
– Точно е дека за 70 проценти е зголемен бројот на пријави за семејно насилство и за 50 проценти е зголемен бројот на поднесени кривични пријави. Тоа не значи дека претходно семејното насилство било отсутно, туку значи дека сега граѓаните имаат повеќе доверба во институциите истото да го пријавуваат, а секако за тоа придонесоа и измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, каде што семејното насилство се гони по службена должност, што придонесе овој број да биде поголем. Ние сакаме да дизајнираме, и во голема мера досега имаме успеано, но сè уште имаме многу работа, систем којшто комплетно ќе го намали бројот на овие пријави, бидејќи сигурни сме дека нема да исчезне, но нашата работа е да ја намалиме до најмали можни граници веројатноста дека тоа ќе се случи. Луѓето коишто денеска ги видов на прес-конференцијата во изминатите години беа одговорни за дизајнирање на тој систем, но видовме дека не направиле апсолутно ништо. Ќе го поставиме и ние прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а секако е добро да се одговори и од страна на судот зошто тие обвинителни акти коишто се поднесени сè уште немаат судска разрешница, како што очекуваат граѓаните – додаде Стојаноски.