ЗЕЛЕНСКИ Е ПОДГОТВЕН ЗА ПРЕГОВОРИ УШТЕ УТРЕ Украина бара средба со САД, Европа и Русија пред Божиќ
Украинскиот претседател инсистира преговорите да ги вклучат Украина, Европа, САД и Русија, а пред средбата Киев, Вашингтон и европските партнери треба да усогласат заедничка агенда.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека Украина е подготвена во најкус можен рок да учествува на четиристраната средба со Европа, САД и Русија, на која би се разговарало за завршување на војната. Тој се надева дека разговорите ќе се одржат пред Божиќ, но посакува тоа да се случи и порано.
Зеленски ова го порача во обраќање преку видеоврска на пленарната седница на Парламентарното собрание на НАТО, што се одржува во германскиот Бундестаг во Берлин.
– Мораме да направиме сè за четиристраната средба – Украина, Европа, Америка и Русија – да се одржи што е можно поскоро. Подготвени сме тоа да се случи буквално уште утре. Од партнерите слушнавме дека сакаат да се обидат да ја организираат пред Божиќ. Се надеваме дека ќе се одржи и порано – порача украинскиот претседател.
Сепак, пред средбата, Киев, Вашингтон и европските партнери треба да усогласат заедничка агенда и да утврдат со каква позиција ќе настапат на преговорите. Зеленски нагласи дека е неопходна темелна подготовка, бидејќи само така може да се постигне подобар резултат.
Тој посебно инсистираше Европа да има свое место на преговарачката маса, особено затоа што разговорите ќе се однесуваат и на нејзината иднина и безбедност. Според Зеленски, американската страна успеала да постигне согласност за вклучување на европските претставници во процесот, нешто на што Украина инсистирала од почетокот на дипломатските напори.
Украинскиот претседател смета дека преговорите треба да се водат во формат во кој Украина, Европа и САД ќе настапуваат заедно, додека Русија ќе биде на спротивната страна. Тој го опиша тоа како поширок разговор меѓу западниот свет и Москва, во кој треба да се земат предвид безбедносните интереси на целиот европски и евроатлантски простор.
Зеленски предупреди дека секој иден договор мора да обезбеди вистинска и долгорочна безбедност за Украина и Европа, за Русија да не може да го искористи евентуалниот мир само како пауза пред нова агресија.