ДАНСКА ЌЕ ГИ ЗАБРАНИ МОБИЛНИТЕ ТЕЛЕФОНИ ВО УЧИЛИШТАТА Новите правила ќе важат и за одморите и активностите по наставата

Забраната ќе ги опфати учениците до десетто одделение, а училиштата ќе мора да воведат и филтри за блокирање социјални мрежи, видеоигри и онлајн-продавници за време на наставата.

0

Данска од учебната 2027/2028 година ќе воведе забрана за користење мобилни телефони во училиштата на целата територија на земјата, соопшти данската влада.

Договорот, постигнат меѓу данската влада, Црвено-зелената алијанса и партијата „Алтернатива“, ќе ги опфати основните училишта, повисоките одделенија до крајот на десеттото одделение, како и активностите што се организираат по завршувањето на наставата, соопшти Министерството за образование.






Според договорот, мобилните телефони и другите електронски уреди во приватна сопственост што имаат пристап до интернет ќе бидат забранети за време на наставата и одморите во државните училишта, општинските меѓународни училишта, училиштата за млади и училиштата за продолжено образование.

Ограничувањата ќе важат и во установите што организираат активности по наставата, вклучително и во училишните програми за слободно време и младинските клубови, наменети за деца и млади до десеттото одделение.

– Децата треба да можат да одат на училиште без постојано да им го одвлекуваат вниманието, на пример, социјалните мрежи, онлајн купувањето и видеоигрите. Треба да можат да се концентрираат на часовите, целосно да се посветат на некоја задача и да поминуваат време со своите соученици – изјави министерот за образование Магнус Хојнике.

Покрај забраната за мобилни телефони, договорот предвидува и задолжително воведување филтри за содржини на училишните интернет-мрежи. Целта е да се блокираат веб-страниците за кои ќе биде проценето дека немаат образовна или педагошка вредност.

Филтрите ќе го ограничуваат пристапот до социјалните мрежи, страниците за видеоигри и онлајн-продавниците за време на наставата.

Владата планира законскиот предлог да го достави во претстојната парламентарна сесија, а забраната за мобилни телефони треба да стапи во сила со почетокот на учебната 2027/2028 година.

Поврзани содржини