ЖЕНИ СЕДАТ НА ЕДНА ОД 5 ДИРЕКТОРСКИ ФОТЕЛЈИ Но, дури 250.000 жени ги нема на пазарот на труд

Во седум од 10 компании воопшто нема жена на директорска позиција.

78

Околу седум од 10 компании во Македонија немаат жена на директорска позиција или повеќе од 70% од компаниите со регистрирани раководни позиции немаат ниту една жена на таа позиција. Жените во Македонија држат една од пет директорски позиции или вкупно 802 фотелји, 19,6% од извршните лидерски позиции и околу 29,1 процент од надзорните позиции.

Ова го покажува студијата „Жени во управните одбори во Северна Македонија: Унапредување на родовата еднаквост во корпоративното одлучување“






Студијата мапира 2.075 средни и големи компании, 3.680 директорски позиции и 85 компании што котираат на берзата, но и 193 менаџери и сопственици на фирми.

Како што беше речено на денешната презентација, резултатите се исклучително загрижувачки.

-Би сакала да замислиме една слика. Имаме една конференциска сала со маса и пет стола. Во просек, само едно од тие столчиња го држи жена. Во седум од 10 воопшто нема жена на директорска позиција. Застапеноста на жените се разликува во зависност од нивото на лидерство. Жените се подобро претставени во надзорни улоги, додека јазот е особено изразен во извршното лидерство. Кога во компанијата има одбор, жените држат 27% од директорските позиции. Кога во компанијата нема одбор, тој удел е понизок, 18,7%. Присуството на одбор се чини дека создава повеќе простор за застапеноста на жените во лидерството. Ова е особено релевантно во Македонија, каде што студијата укажува дека околу девет од 10 компании немаат одбор. Повеќето од нив се организирани околу еден извршен носител на одлуки – рече директорката на Жените во корпоративното лидерство во Македонија (WOBA), Џина Поповиќ, која ги презентираше резултатите од истражувањето.

Таа смета дека сопственоста исто така е важна.

– Податоците покажуваат разлики во улогите на жените и мажите сопственици во нивните компании. Жените многу помалку веројатно ќе ја комбинираат сопственоста со извршна контрола или имајќи удел во компанијата, не значи автоматски дека имаат влијание врз секојдневното управување – рече Поповиќ.

Заменик-амбасадорот на ЕУ во земјава, Бен Напнау, оцени дека ова е област во која не е направен голем напредок.

-Женското учество во корпоративното водство не е само работа на еднаквост и застапување, туку е и прашање на економски раст, компетитивност, добро владеење и одржлив развој на целото општество. Во Македонија жените навистина имаат голем професионален напредок во учеството на пазарот на трудот, но сепак овој напредок не е доволен, недоволно се изразува тоа на ниво на лидерство, на извршни позиции, во структурите што носат одлуки. Има постојани трајни бариери, родови стереотипи, нееднаков пристап до професионалните мрежи и можности за лидерски позиции – посочи Напнау.

Бројките, додаде тој, покажуваат јасен јаз помеѓу застапеноста на жените во економијата и нивниот пристап до високото раководство во компаниите.

Напнау. смета дека Македонија треба да го забрза усогласувањето на законодавството во однос на родовата еднаквост, но и дека се неопходни правично вработување, процедури за унапредување, менторство и вистинска заложба од одборите и високото раководство.

-Законодавството мора да го подобри балансот помеѓу професионалниот и приватниот живот, да има посебни мерки што ќе го адресираат платниот јаз меѓу жените и мажите, да се осигура грижа за децата, отсуства за родителите,… Истовремено, жените претприемачи треба да бидат поддржани преку подобар пристап до финансии, менторство и професионални мрежи- истакна Напнау.

Тања Михајловска Димитриевска, лидер за стратешки партнерства на WOBA, укажа дека родовата рамноправност во лидерството не е само социјална правда, тема или прашање на социјална правда, туку е прашање на добро корпоративно управување, економска конкурентност и одржлив развој. Таа смета дека усогласувањето со европската директива за родова рамноправност во одборите на котираните компании претставува важен чекор.

-Но, нашата амбиција треба да оди малку подалеку. Не станува збор само за исполнување одредени квоти на европски барања или за постигнување одредени проценти. Пред се, станува збор за воспоставување транспарентни процеси за избор, јасни критериуми и компетенции, како и корпоративна култура што ќе овозможи еднакви можности за напредување. Потребна ни е одговорност од законодавството, од регулаторите, од сопствениците на компаниите, членовите на одборите, финансиските институции, како и од инвеститорите, рече Михајловска Димитриевска.

Заменик-министерот за економија, Марјан Ристески, напомена дека жените во Македонија се соочуваат со секојдневни предизвици во корпоративниот свет.

-Една од најголемите пречки за поголем економски развој во државата во сите релевантни извештаи е ниската вклученост на жените на пазарот на труд, големиот јаз во сопствеништвото на компании помеѓу мажите и жените, со оглед дека едвај 30%о од компаниите се во сопственост на жени и тоа, најчесто со помал број вработени и помала економска моќ. Слична е состојбата и во областа на трудот, каде жените претставуваат еден од најголемите неискористени економски ресурси, бидејќи над половината од работоспособните жени, околу 250.000, се надвор од пазарот на труд. И во презентираната Национална анализа за застапеноста на жените во раководните и управувачките структури на компаниите во Македонија има слични показатели – учество на жените во корпоративните структури е помеѓу 15–25%, бројка што е прениска – теле заменик-министерот.

Тој додаде дека Министерството за економија и труд работи на создавање уште подобри услови за развој на компании основани и управувани од жени, како и на создавање услови за зголемување на бројот жени во корпоративните структури, и во државниот и приватниот сектор.

Поврзани содржини