ТУМОРОТ ПОВЕЌЕ НЕ СЕ ГЛЕДАЛ НА СНИМКИТЕ Нова таблета буди голема надеж кај пациентите со тешка форма на рак

Туморите се намалиле или целосно исчезнале кај повеќе од 60 отсто од пациентите, додека кај приближно секој дванаесетти пациент ракот повеќе не можел да се забележи на снимките од компјутерска томографија

0

Нова терапија во форма на таблета би можела да претставува голем исчекор во лекувањето на ракот на панкреасот, едно од најсмртоносните малигни заболувања. Раните резултати од клиничките испитувања покажале дека лекот дараксонрасиб, во комбинација со хемотерапија, го запрел растот на туморот кај дури 90 отсто од пациентите.

Уште поохрабрувачки е податокот дека туморите се намалиле или целосно исчезнале кај повеќе од 60 отсто од пациентите, додека кај приближно секој дванаесетти пациент ракот повеќе не можел да се забележи на снимките од компјутерска томографија (КТ).






Во истражувањето учествувале 61 пациент со напреднат рак на панкреасот, кој веќе се проширил и на други делови од телото. Експертите истакнуваат дека станува збор за исклучително ветувачки резултати, но предупредуваат дека е прерано да се зборува за излекување и дека се потребни дополнителни истражувања, пренесува Би-Би-Си.

Британската организација „Cancer Research UK“ ги опиша резултатите како едно од најголемите поместувања во лекувањето на ракот на панкреасот во последните неколку децении.

Лекот дејствува така што ги блокира мутациите поврзани со генот RAS, кои се присутни кај повеќето случаи на овој вид рак.

Научниците се надеваат дека истиот пристап во иднина би можел да се примени и кај други видови рак, вклучувајќи ги ракот на белите дробови и ракот на јајниците.

Поврзани содржини