РАЗОТКРИЕНА ШЕМА ЗА СОГОЛУВАЊЕ НА ДЕБАРСКИТЕ ШУМИ Директор и тројца вработени во шумското стопанство издавале фиктивни дозоли!?
Со фиктивни барања за дозволи и лажни испратници, овозможувале сеча и транспорт на дрва, а во шемата учествувале и двајца жители на Џепиште со свои товарни возила.
Полицијата открила сомнителна шема за незаконска сеча и транспорт на дрва во која, според кривичната пријава, учествувале директор и тројца вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“, односно Шумското стопанство „Стогово“ во Дебар, како и двајца жители на селото Џепиште.
ОВР Дебар поднесе кривични пријави против шест лица. Директорот М.П. (57) од Вевчани и тројцата вработени О.Ј. (64), М.Л. (59) и В.И. (47) се сомничат за злоупотреба на лични податоци, фалсификување службена исправа и несовесно работење во службата. Другите двајца пријавени, Б.Л. (35) и А.Л. (26), и двајцата од Џепиште, се товарат за помагање.
Според полициските сознанија, шемата почнувала со внесување лажни податоци во службената книга. Архиварката В.И. е осомничена дека заведувала лица кои наводно поднеле барања за добивање дозволи за сеча на дрва, иако податоците во барањата биле невистинити.
Директорот М.П., наместо да ги провери барањата и да изврши надзор, одобрил дозволи за сеча на дрва врз основа на фиктивната документација. Не направил ниту увид во испратниците со кои се евидентирал транспортот на дрвната маса.
Во меѓувреме, двајцата референти за испорака на огревно дрво, О.Ј. и М.Л., издавале испратници со лажни податоци и ги заверувале со сопствените потписи, иако, според пријавата, знаеле дека постапуваат спротивно на законските прописи.
Во транспортот на дрвата биле вклучени и Б.Л. и А.Л. од Џепиште, кои со своите товарни возила ја превезувале дрвната маса и, според полицијата, им помагале на останатите пријавени да ги прикријат незаконските активности.
национални шуми, шумско стопанство стогово, дебар, незаконска сеча, фалсификување документи, злоупотреба на службена положба, кривична пријава