НАЈМАЛКУ ЗА 7,5% ПОВИСОКИ ПЛАТИ ЗА НАСТАВНИЦИТЕ ОД МАРТ Парите се предвидени во буџетот
Наставниците во март 2027 година ќе добијат зголемување на платите од најмалку 7,5%, најави министерката Весна Јаневска. Таа зборуваше и за намалувањето на блок-дотациите за училиштата и за реорганизацијата на наставата.
Наставниците во март ќе добијат најмалку 7,5% повисоки плати, а средствата за покачувањето се предвидени во буџетот, потврди министерката за образование и наука Весна Јаневска. Таа нагласи дека Владата го исполнува ветувањето за зголемување на примањата во образованието.
Јаневска одговараше на новинарски прашања пред почетокот на конференцијата „Образованието на возрасните и доживотното учење – инвестиција во луѓето и иднината“, организирана од ЈУ Центар за образование на возрасни во Скопје.
Министерката беше прашана и за намалувањето на блок-дотациите за основните и средните училишта, за кое новинарите посочија дека е прво од 2008 година.
Прашањето се однесуваше и на можноста поради намалените средства одредени училишта да се соочат со блокирани сметки.
Јаневска одговори дека во образованието мора да се отстранат долгогодишните неправилности и дека новата формула за распределување на средствата треба да овозможи поефикасна училишна мрежа.
Во рамките на реорганизацијата веќе се споени 433 паралелки. Според министерката, наставниците што поради спојувањето нема да имаат доволен фонд часови ќе добијат други задолженија.
– Притоа водевме сметка и во основно и во средно. Наставниците кои де факто нема да имаат доволен број на часови со спојување на паралелката, во основното да преминат во дневен престој, а во повисоките класови на основното, од шесто до деветто и во средно, да развиваат дополнителни активности во училиштата, што постојано го зборуваме, воннаставни активности, општествено корисна работа, внимание на талентирани, внимание на деца кои се во застој со учењето и да можеме овој процес за околу четири, максимум 5 години, да го заокружиме – рече Јаневска.
Таа повтори дека во овој период не може да има нови вработувања на наставници, поврзувајќи ја одлуката со потребата од оптимизација на образовниот систем.
– Затоа што образовниот систем во минатото служел како социјален систем. Го чувал социјалниот мир и згрижувал невработени наставници. Притоа никој не водел грижа за бројот на оние кои завршуваат одредени струки и кои се вработуваат. Конечно почнавме да го правиме тоа. Сметаме дека нема да има штета врз образовниот процес. Дополнително, општините покрај тоа што треба да водат сметка за бројот на ученици и бројот на наставници, треба домаќински да си ја водат општината. Тие имаат разни можности да им помогнат на училиштата, односно да ги развиваат училиштата во сопствената општина и конечно ние да влеземе во процес на конкуренција на училиштата меѓу различни општини, а не образовниот систем и понатаму да служи како социјална мерка во државата – рече министерката Јаневска.