ПРИНЦОТ ВИЛИЈАМ ЌЕ ИМ ГИ ОДЗЕМЕ КРАЛСКИТЕ ТИТУЛИ НА ХАРИ, МЕГАН И НИВНИТЕ ДЕЦА Идниот крал планира „голема реорганизација“ на монархијата
Во претстојната книга се открива дека Вилијам планира нови правила според кои кралските титули би ги задржале само членовите на семејството кои активно ги извршуваат кралските должности. Од Кенсингтонската палата засега не го потврдиле ова тврдење.
Принцот Вилијам планира голема реорганизација на британската монархија кога ќе го наследи татка си, кралот Чарлс Трети. Според тврдењата на кралскиот новинар Том Сајкс во неговата претстојна книга, промените би можеле да значат дека принцот Хари, Меган Маркл и нивните деца Арчи и Лилибет ќе ги загубат кралските титули.
Сајкс тврди дека Вилијам сака титулите „неговото кралско височество“ и „нејзиното кралско височество“, како и титулите принц и принцеза, да им припаѓаат само на членовите на кралското семејство кои активно извршуваат официјални должности.
Во книгата „The Dukes: Edward VIII, Andrew, and Harry – the Men Who Undermined the Modern Monarchy“, новинарот се повикува на извор близок до принцот од Велс, според кого новите правила би правеле јасна разлика меѓу членовите на семејството кои работат за монархијата и оние кои живеат како приватни граѓани.
– Ако сте активен член на кралското семејство – одите на турнеи, ја посетувате земјата, извршувате дипломатска работа, работите за владата и имате јавна улога – тогаш ќе ја имате титулата негово или нејзино кралско височество и ќе бидете принц или принцеза – наводно изјавил изворот.
Тој додал дека активните членови на кралското семејство ќе добиваат финансиски надомест или плата, како и службено живеалиште. Оние кои нема да преземат кралски должности, според предложениот модел, нема да имаат право на титули, официјално сместување и посебни привилегии.
– Сепак, ќе бидете приватен граѓанин, слободен да го живеете животот и да заработувате пари на кој било начин што ќе го изберете – рекол изворот.
Промените наводно би ги опфатиле и децата на Хари и Меган – седумгодишниот принц Арчи и петгодишната принцеза Лилибет. Тие ги добија титулите принц и принцеза откако нивниот дедо Чарлс Трети стана крал во 2022 година.
Според Сајкс, Вилијам размислува и за иднината на своите деца. Принцезата Шарлот и принцот Луис би можеле сами да одлучат дали сакаат да преземат кралски должности или да изберат независни кариери. За најстариот син, принцот Џорџ, кој е прв во редот за наследување на престолот по татка си, идната улога е однапред определена.
Наводните планови доаѓаат по изјавата на Вилијам во интервју за серијата „The Reluctant Traveler“ на „Епл ТВ“, во која рече дека промените се на неговата агенда и дека сака да ја модернизира монархијата, задржувајќи ги традициите кои сè уште имаат смисла.
Хари и Меган се повлекоа од своите кралски должности во 2020 година и се преселија во Калифорнија. Оттогаш односите меѓу браќата Хари и Вилијам се нарушени, а војводата и војвотката од Сасекс живеат надвор од кралското семејство.
Од „Кенсингтонската палата“ за „Пејџ сикс“ изјавиле дека нема да коментираат книги или тврдења објавени во нив. Претставниците на Хари и Меган не биле веднаш достапни за коментар.