ПОСТАРА ЖЕНА ПОЧИНАЛА ВО „БИТКА“ СО КРАВИТЕ ОД ПАЛАНКА? Бранејќи го имотот од нив добила срцев удар
Градоначалникот Митовски посочи дека постојат ризици за изворите од кои градот се снабдува со вода, како и за безбедноста во сообраќајот.
Градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски во „Претрес со Ландов“ пренесе сведоштво од граѓанин кој му раскажал дека неговата мајка починала откако се обидела да спречи кравите да влезат во нивниот имот. Според раскажувањето што го пренесе Митовски, жената била нападната од добитокот, почнала да бега, добила срцев удар и починала на самото место.
Митовски посочи дека човекот дошол кај него на прием и му го раскажал случајот. Стресот како причина за срцевиот удар беше наведен во неговото пренесување на сведоштвото, без во разговорот да биде презентирана медицинска документација.
– Зарем треба да ни се случат нови такви или слични ситуации за некој во државата да каже дајте да ставиме крај на овој проблем – праша Митовски.
Градоначалникот предупреди дека последиците од добитокот што се движи без контрола не се ограничени на штетите врз приватните имоти. Во разговорот посочи и ризици за изворите од кои градот се снабдува со вода, како и за безбедноста во сообраќајот.
– Ние изминативе години имавме угинати говеда и крави во непосредна близина на самите главни извори – рече Митовски, предупредувајќи на можните здравствени и епидемиолошки ризици.
Митовски рече дека присуството на кравите на коловозите претставува опасност за учесниците во сообраќајот. Тој порача дека проблемот бара решение пред да се случат нови несреќи.