ИНСТИТУЦИИТЕ МОРА ДА СЕ ОТПОРНИ И ДА ГИ ПРЕЖИВУВААТ ПОЛИТИЧКИТЕ ПРОМЕНИ Уставниот суд има клучна улога во тоа

Владеењето на правото не подразбира само донесување квалитетни одлуки, туку и нивно почитување и спроведување, при што извршната и законодавната власт имаат одговорност да обезбедат услови за целосна имплементација на одлуките на Уставниот суд, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на Форумот на уставни судови на Балканот.

0

 

Уставното судство има клучна улога во заштитата на уставниот поредок, основните права и слободи, како и во воспоставувањето функционален систем на владеење на правото, рече заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски на Форумот на уставни судови на Балканот, кој се одржува во Охрид.






Николоски истакна дека Уставниот суд има посебна и незаменлива улога во демократската држава, особено во време на брзи општествени, технолошки и политички промени, кога стабилноста и отпорноста на институциите се од особено значење.

– Институциите мора да бидат стабилни, институциите мора да бидат отпорни и институциите мора да ги преживуваат политичките промени. Независноста, професионалноста и интегритетот на уставните судии и на Уставниот суд се клучни за исполнување на оваа функција – нагласи Николоски.

Тој потенцираше дека владеењето на правото не подразбира само донесување квалитетни одлуки, туку и нивно почитување и спроведување, при што извршната и законодавната власт имаат одговорност да обезбедат услови за целосна имплементација на одлуките на Уставниот суд.

– Почитувањето на уставното судство е показател за институционална зрелост и демократска одговорност на една држава. Затоа ние се трудиме да ги почитуваме и Уставниот суд да го добива заслуженото место во државно-правниот поредок – истакна вицепремиерот.

Осврнувајќи се на предизвиците што ги носат дигитализацијата и развојот на вештачката интелигенција, Николоски порача дека технолошкиот напредок не може да ја замени човечката експертиза, знаењето и личното искуство, особено кога станува збор за толкувањето и спроведувањето на Уставот и законите.

– Не можам да се согласам со одредени дебати дека дури и во делот на почитување и спроведување на Уставот и законите треба да се потпреме на вештачката интелигенција. Сметам дека тоа не е патот по кој треба да се движиме, затоа што знаењето и личното искуство се нешто незаменливо и нешто што не може ниту една машина да го направи – рече Николоски.

Тој се осврна и на значењето на поделбата на власта, меѓусебната контрола и институционалната рамнотежа како предуслови за функционална демократска држава.

– Силна држава не значи само силна извршна власт, туку значи ограничена извршна власт, значи држава со силни и независни институции, институции коишто се надополнуваат и коишто се контролираат помеѓу себе – порача Николоски.

На крајот од своето обраќање Николоски нагласи дека Владата останува посветена на функционирањето и надградувањето на системот на институционална рамнотежа и владеење на правото.

Поврзани содржини