📽️ „ОДАМНА НЕ СУМ ТЕ ВИДЕЛА!“ – „ПА ТИ НЕ САКАШЕ!“ Зеленски ја задевал Мелони, таа веднаш реагирала

Италијанската премиерка го прегрнала украинскиот претседател и му рекла дека одамна не го видела, а тој ѝ возвратил: „Па, ти не сакаше!“. Двајцата разговарале и за новиот пакет воена помош за Украина.

0

Украинскиот претседател Володимир Зеленски и италијанската премиерка Џорџа Мелони се сретнаа во Даблин, каде што разговарале за продолжување на воената помош за Украина, противвоздушната одбрана и хибридните закани. Средбата ја одбележа и духовита размена на зборови, која украинскиот претседател ја објави на социјалните мрежи.

При средбата во Конгресниот центар во Даблин, Мелони срдечно го прегрнала Зеленски и двапати го бакнала во образ, по што следувал краток разговор што го привлече вниманието.






– Одамна не сум те видела! – му рекла италијанската премиерка.

– Па, ти не сакаше! – ѝ одговорил Зеленски со насмевка, алудирајќи на тоа дека двајцата не се сретнале неколку месеци.

Мелони веднаш реагирала на неговата забелешка, одмавнувајќи со главата и со насмевка одговорила: „Неее!“

Видеоснимката од средбата ја објави самиот Зеленски. Неговата малку подбивна шега доаѓа во период кога во италијанската владејачка коалиција се продлабочуваат несогласувањата околу продолжувањето на поддршката за Украина.

И покрај политичките несогласувања во Рим, Италија продолжува да му дава воена поддршка на Киев.

Мелони и Зеленски разговарале за тринаесеттиот пакет италијанска воена помош за Украина, кој неодамна бил потпишан и покрај незадоволството на дел од членовите на владејачката коалиција, особено на партијата „Лига“.

Според италијанските медиуми, пакетот вклучува ракети „Aster“ за противвоздушните системи „SAMP/T“, муниција, сателити и радари наменети за откривање непријателски сили зад линијата на фронтот.

За време на разговорите била спомената и можноста за испорака на борбени авиони, иако засега нема потврда дека е постигнат конкретен договор за тоа.

Украинскиот претседател се обидува да обезбеди дополнителна воена и финансиска помош од западните сојузници во период кога неговата земја се соочува со руско бомбардирање и предизвиците што ги носат зимските месеци.

Поврзани содржини