За нештата да бидат појасни: политика!
Кога во поголемиот дел од светот би се водела политика на македонскиот начин, човештвото веројатно одамна ќе се вратеше во некое предисториско време. Зашто кај нас сѐ, и буквално сѐ, стана – политика. Дури и кај најтврдокорните криминалци и најголемите злосторства некои успеваат да видат политика или едноставно да ја подметнат истата како некакво оправдување, како некаков џокер што допушта секакво однесување.
Ако ги оставиме настрана сите оние некогашни и сегашни „филозофски“ обиди да се дефинира политиката , останува „голата“ дефиниција за активност на организација на државата и раководење со истата, одговорност во одлучувањето за јавните прашања, умешност на разрешување на конфликти во општеството и меѓународните односи итн., итн. Или, од оние мудрите во само една реченица, како што дефинира професорот Бозвел, „политиката е кој што добива, кога и како“!
Но, ако останеме на таа „дефиниција“, тогаш политиката само добива, а не дава? Или, поточно, тогаш ние би биле политички шампиони зашто такви „политики“ имаме премногу, како што имаме премногу и политичари. Поточно „политичари“, луѓе кои само заради добивањето – или грабањето, како сакате – се занимаваат со неа?
Кога во поголемиот дел од светот би се водела политика на македонскиот начин, човештвото веројатно одамна ќе се вратеше во некое предисториско време. Зашто кај нас сѐ, и буквално сѐ, стана – политика. Дури и кај најтврдокорните криминалци и најголемите злосторства некои успеваат да видат политика или едноставно да ја подметнат истата како некакво оправдување, како некаков џокер што допушта секакво однесување. За разлика од нас, цивилизираниот свет токму тоа најмалку го допушта: некултурното, насилничкото, криминалното однесување во политиката се казнува строго, често и ригорозно – со завршување на политичката кариера!
И можеби баш заради тоа – бидејќи политиката кај нас претставува и извонредно вносен бизнис! – македонската политика низ овие 35 години изгради околу себе цел непробоен систем од толерантност и неказнивост, морална и кривична, што веќе одамна е дијагностоцирано како најагресивен канцер што континуирано го разјадува општеството. И никој не се ни обидува да го „лекува“ бидејќи и за тоа се неопходни политичарите и – политиката.
И тоа можеби е нашиот најголем проблем, од самиот старт во онаа 1992 година, кога требаше повторно (?) да се гради држава со нови и поинакви прерогативи. Да, ставам прашалник зад зборот повторно бидејќи не гледам логика зошто тогаш тоа така требаше да биде претставувано. Прашалникот би требало да стои и пред зборот нови бидејќи „новото“ нѐ тормози веќе толку децении, но тоа се сепак други теми за други прилиуки. Меѓутоа, поинаква – секако. Зашто „старата“ држава почиваше на други темели. Некои денес сакаат да ни ги подметнат како многу лоши, идеолошки односно ѓаволски комунистички, исклучиви, недемократски… Што не е баш најточно, се разбира. Но тоа главно се неуки – да не речам полуписмени – поединци кои добро се вгнездија во повеќепартискиот систем и успешно продаваат квазидемократска магла.
И токму тоа продавање односно операционализираниот пазарџиски менталитет во политиката дека сѐ може да се продаде и купи ја доведе државата до овој степен на безмалку целосно културно, морално и политичко разнебитување. Така поставената политичка „мисла“, таквата ретроградна и криминогена политика се наметна над здравиот разум, над стручноста и компетентноста, над цивилизираноста…!
Зашто, кога сѐ ќе прогласите за политика односно политички решливо, кога во тоа ќе вградите битпазарски „критериуми“ и „вредности“ (со должно извинување зашто на македонските неполитички пазари сепак владее некаков ред!), кога политиката – поточно политикантскиот менталитет – ви односно им дозволува да глумат спасители и да газат и распродаваат туѓи идеали…, тогаш го добивате ова што го имаме денес. А тоа е: срамна трговија со фундаментите на државноста, национално соголени перспективи, историско идентитетски мимикрии, шаренолажливи ветувања итн.
Македонското општество дозволи политиката да му се наметне како врвен критериум, современ месија, обвинител и судија, почеток и крај на нештата. Згора, наспроти дури и јавните компетентни предупредувања, дозволи таа да ги разрешува односно да тргува со суштинските национални вредности, со историјата и идентитетот, со најсуптилните национални чувства. Наметнувајќи се како врховен племенски жрец таа, политиката, си го присвои правото дури да го менува и името на државата наспроти јавно и јасно изразената воља на мнозинството граѓани. Тој ступиден и крајно нецивилизиран чин не само што го покажа вистинското бесрамно лице на македонската политика, туку веќе толку години настојчиво го пропагира како позитивен, стратешки, неодминлив…, се обидува да манипулира и дополнително да тезгари со националните чувства но сега со друг сосед, да обединува историја и јазик итн.
Но, пропагандната машинерија на таа и таква политика, нивните такви и тооолку верни lap-dog интелектуалци нема да пишуваат за тие подлости туку ќе ги обвинуваат граѓаните за некаква – „граѓанска послушност“!?
Или, ако баш сакате, што би се случило и како би се чувствувале тие политички палјачовци кога некоја идна власт – а зошто не и оваа? – со декрет би им го сменила презимето на семејното стебло, до каде што историски допира? Односно би ги прекрстила, онака ноншалантно, во презимиња соодветни на нивните бескрупулозни постапки со името на македонската држава? И сега замислете гнасно семејно презиме што би се провлекувало низ историјата и би ги стигматизирало токму тие кои треба да бидат обележени со епохално срамно предавство?! Ама не, некои помпезни ликови овде дури и споменик би им подигнале а граѓанинот ќе го прогласат за „епохално послушен“!
Се разбира, таквата супра-авторитарна политика се базира на некакви повеќегодишни современи искуства од 1992 година наваму, на неискуството на македонскиот граѓанин со таков тип на тиранизирачка власт, на политичката поделеност на граѓанскиот сектор (наметнат токму од нејзина страна!) но и на летаргичноста по тоталниот крах на онаа „Шарена променада“, уништена токму од политички грабливци и нивните подопашни клиенти инсталирани во сите пори на македонскиот систем. Затоа, впрочем, таа „политика“ уште од самиот почеток на „новата“ држава стимулираше подаништво, слугинство и клиентелизам, налик на старата проверена удбашка метода на зависност од власта.
Кај нас зборот политика/политичко е само вешто смислен субститут за неспособност, неукост, неморал, некултура, криминал и корупција…! Зашто која е и каква е таа „политика“ која што наложува менување на вековното име на државата или територијата на која се наоѓа таа; која е и каква е таа „политика“ што не го признава своето малцинство во соседните држави; која е и каква е таа „политика“ што бара од граѓанинот да се одрече од својата историја, култура, јазик, идентитет…? Како и каде, освен кај нас, може политиката да биде единственото оправдување за редица страотни промашувања во меѓународните и домашните односи што ја вратија државата половина век назад?
Оттука, иднината на македонската држава согледана низ призмата на вакви „политики“ е страотно безперспективна, морално сива и културно приземна, а граѓански и демократски – недостојна и недофатлива. Ако кон ова се придодаде и целосното откажување на САД (во документот „Политика на САД за промовирање стабилност и просперитет на Западен Балкан“) од нивен ангажман во таканаречното „state building“ во регионот, тогаш ништо добро не ни се пишува. Освен, освен, се разбира, ако македонскиот граѓанин и некомпромитираниот интелектуален потенцијал не ја превземат целосно одговорноста за учество и во реалната политика врз современи, културни, цивилизирани, морални темели и вредности.
Инаку, а повторно во контекстот на новата американска политика кон регионот, па и кон нас, ќе добиваме онакви амбасадор(к)и кои со дипломатијата и политиката немаат ама баш никаква врска. Но, кога ќе ја погледнете македонската политика во континуитет од неколку децении и сите нејзини „министри“, тоа е најсоодветниот одговор! Како што, впрочем, македонската политика одлично ја отсликува и оној докторон кој глуми политичар и опозиционер, а за двете нешта е – епохален дунстер.
П.С.
А кога сме кај докторите, уште еден таков кој глуми политичар ни даде перфектна дефиниција за нашето разбирање на таа област. Па вели: „Во политиката може да се манипулира со толкувањето на документите, но нивната содржина не може да се менува“. Каков идеален шарлатан политичар, нели!?