ДВЕ ГОДИНИ ЗАТВОР ЗА ПЕЦЕ МАТЕВСКИ, ПОРАНЕШЕН ДИРЕКТОР НА РЕК БИТОЛА Го оштетил комбинатот за 2,9 милиони евра при тендер за ископ на јаловина
Условни казни затвор добија обвинетите Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, членови на Стручната комисија, а ослободителни пресуди добија Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Условни пресуди добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска од Бирото за јавни набавки.
Две години казна затвор за Пеце Матевски, поранешен директор на РЕК „Битола“ пресуди денеска битолскиот суд за незаконитости во тендерот за ископ на јаловина со фирмата „Рудкоп“ Битола во 2022-2023 година, во вредност од над 11 милиони евра.
Условни казни затвор добија обвинетите Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, членови на Стручната комисија, а ослободителни пресуди добија Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски членови на Комисијата за јавни набавки. Условни пресуди добија и Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска, сите три вработени во Бирото за јавни набавки во Скопје.
Пресудата ја донесе судијата Горан Димовски од Основниот суд Битола, за спор кој се водеше околу постапката на РЕК „Битола“ во 2022 година со која ја избра фирмата „Рудкоп“ Битола, а ја елиминира „Гранит“ Скопје, за ископ на јаловина.
Обвинението го застапуваше Оливера Нечаковска од ОЈО Битола.
– Обвинетите Пеце Матевски, Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, прибавиле корист од економскиот оператор „Рудкоп“ ДООЕЛ Битола, изразен во разликата помеѓу износот на парични средства, доколку понудата на „Гранит“ не била отфрлена на електронската аукција и истиот учествувал на аукцијата, со што му била предизвикана штета на РЕК „Битола“ во износ од 178.370.319 денари (2,9 милиони ерва). Со овие дејствија обвинетите како соизвршители сториле едно кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување. На обвинетиот Пеце Матевски му се изрекува казна затвор од две години, на обвинетите Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, алтернативна мерка условна осуда, им се утврдува казна затвор во траење од 1 година, која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од две години сметано од правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело – рече судијата Димовски.
Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски, членови на Комисијата за јавни набавки се ослободуваат од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажал дека обвинетите го сториле кривичното дело кое им се става на товар, рече судијата Димовски.
– Обвинетите Александра Маџевска-Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска од Бирото за јавни набавки во Скопје како соизвршители сториле едно кривично дело па судот им изрече алтернативна мерка условна осуда, казна затвор во траење од 8 месеци која нема да се изврши доколку обвинетите во рок од една и пол година сметано од денот на правосилноста на пресудата не сторат ново кривично дело – рече судијата.
Судот со пресудата го упати оштетеното правно лице АД ЕСМ имотно-правното побарување да го оствари во граѓански спор.
Судот одлучи да останат замрзнари 3,5 милиони евра на фирмата „Рудкоп“ Битола, сопственост на бизнисменот Кирил Билјановски.
– Времената мерка која се состои со замрзнување на паричните средства на правното лице „Рудкоп“ Битола е определено да трае до правосилно завршување на кривичната постапка, истата останува во сила или до некои суштински измени доколку има потреба – рече судијата Димовски.