ДЕЛ ОД ВАКЦИНИТЕ ПРОТИВ ГРИП МОЖЕ ДА БИДАТ ДОСТАПНИ И ЗА НЕРИЗИЧНИТЕ ГРУПИ, НО ПРИВАТНО Рекорден број вакцини се набавени за оваа сезона
Од понеделник ќе бидат на располагање 26.000 вакцини против грип, а извесна е набавката и на уште 30.000 дози, вели министерот за здравство Сашо Клековски.
Минатата недела 26.000 вакцини против грип се пристигнати во Словенија, а очекуваме утре, најдоцна в понеделник, да бидат во употреба во Македонија, изјави денеска министерот за здравство Сашо Клековски.
Сите документациски работи се завршени, така што овие количини најдоцна од понеделник ќе бидат достапни,додаде тој.
Посочи дека сè уште има достапни вакцини од првата набавка и сега може со поголема сигурност да го забрзаат и темпото на вакцинирање.
– Стигнавме до приближно 20.000 вакцинирани во изминатиот период. Ќе биде извесна набавката и на другите 30.000 вакцини против грип. Очекувам утре или в понеделник да донесеме одлука дали дел од вакцините ќе го направиме достапен за неризичните групи, бидејќи со крајната набавка на 30.000 вакцини ќе има 86.000 достапни вакцини. Досега никогаш повеќе од 80.000 не биле ставени на располагање, така што ќе направиме процена за одредени барања вакцините да бидат достапни и надвор од ризичните групи, приватно – додаде Клековски.