ЏОНСОН МЕТИ ВО 100 НАЈГОЛЕМИ КОМПАНИИ ВО ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА Прва на листата е ОМВ Петрол од Романија
Во првите 5 најголеми компании се најдоа 4 романски компании и една словенечка, главно енергетски, трговски и автомобилски компании.
Компанијата „Џонсон Мети“ се најде на листата од 100 најголеми компании во Југоисточна Европа, според најновото рангирање SEE TOP 100 на регионалниот економски медиум SeeNews.
„Џонсон Мети“ е на 42. место со пад од 10 места во однос на рангирањето од 2024 година. Нејзиниот приход лани изнесувал 1,82 милијарди евра, а во 2024 година имала приход од 1,92 милијарди евра.
Истовремено, нејзината нето-добивка пораснала од 63,3 на 73,2 милиони евра, односно за околу 15,6 отсто.
Индустриското рангирање за Југоисточна Европа (ЈИЕ) ги обединува приходите остварени од сите компании вклучени во листата „SEE TOP 100“ и ги рангира секторите според кумулативниот приход.
Во првите 5 најголеми компании се најдоа 4 романски компании и една словенечка, главно енергетски, трговски и автомобилски компании.
ОМВ Петром (OMV Petrom) од Романија е прва на листата.

Вкупните приходи на 100-те најголеми компании во Југоисточна Европа во 2025 година достигнале 196,8 милијарди евра, што претставува раст од 2,4 отсто во однос на претходната година. Нивната заедничка нето-добивка изнесувала 9,2 милијарди евра, со раст од 4,5 отсто.
Според извештајот, трговијата на големо и мало е најзастапена со 29 компании и вкупни приходи од 54,4 милијарди евра. Следуваат компаниите од секторот на нафта и природен гас, со приходи од 53,4 милијарди евра.
Рангирањето опфаќа компании од 11 земји во Југоисточна Европа, а минималниот приход потребен за влез меѓу најголемите 100 во 2025 година изнесувал 965,3 милиони евра.
„SEE TOP 100“ ги рангира најголемите компании, банки и осигурителни друштва во Југоисточна Европа според вкупниот приход за фискалната година што завршила на 31 декември 2025 година.
Бројките се преземени од годишните неконсолидирани извештаи, а сите податоци потекнуваат од националните трговски регистри, берзите, веб-страниците на владите и компаниите, индустриските регулатори, локалните даватели на деловни информации, како и од самите компании.
Износите во локалните валути во рангирањето се претворени во евра. Податоците за нето-добивката/загубата и приходите се изразени во милиони евра.